Утрински Весник
Економија

КОВИД-19 ја намали продажбата на недвижности, цените непроменети

Во Неготино ќе се гради зграда со социјални станови

Скопје,  13 јуни 2020 (МИА) –  Агенциите за недвижности во главниот град по двомесечна пауза поради кризата со КОВИД-19 повторно работат, пазарот бележи раздвижување, но само кај продажбите на становите, каде нема промени во цените. Закупите на станови се значитено намалени затоа што голем дел од нив се испразнети. Продажба и издавање на куќи речиси и да нема.

Од Агенцијата за недвижности Флокс велат дека во текот март, април и половината од мај биле целосно затворени, колку што можеле работеле од дома, а интересот за купување и изнајмување бил сведен на минимум и немало реализации. Втората половина на мај кога повторно ја отвориле агенцијата забележале раздвижување на пазарот, односно имало интерес за купување, но не и за изнајмување.

-Можам слободно да кажам дека интересот за купување беше со поголем од очекувањата, односно речиси ист како во периодот пред епидемијата. Таквиот интензитет на побарувачката можам да претпоставам дека се должи или на тоа дека после еден подолг период на стагнација наеднаш се јавија сите потенцијални купувачи кои што во текот на март и април го одложуваа купувањето, или пак граѓаните покажаа зголемен интерес за вложување на средствата во недвижности како посигурна инвестиција споредбено со чувањето на готовина. Интересот за изнајмување на недвижности беше сведен на минимум, изјави за МИА Билјана Василевска од Агенцијата за недвижности ФЛОКС.

Од средината на мај откако повторно работат регистрираат дека се купуваат претежно станбени објекти, а закупот е сведен на минимум.

-Промени во цените во изминатите месеци не се забележани. Нашите прогнози се дека доколку се смири епидемијата, поголеми промени како резултат на она што досега ни се случуваше со епидемијата ќе нема. Но, не сме сигурни како во иднина ќе се развиваат работите во однос на економијата, така што постои неизвесност, забележува Василевска.

Како правен субјект на пазарот, посочува, се трудиме максимално да ги почитуваме препораките и мерките на здравствените власти. Секако дека секојдневните работни обврски ни се значително отежнати, состаноци се трудиме да не одржуваме освен во случај на неопходност. Но, полека се привикнуваме на новиот начин на функционирање, наведува Василевска.

Слични се констатациите и на останатите агенции за недвижности што ги контактиравме. Економско-здравствената криза има првично влијание на состојбата на пазарот на недвижности во главниот град, но ударот засега не е преголем иако има зголемена понуда и намалена побарувачка. Некои од нив имале добар старт  во работата на почетокот на годината, па првичниот кризен период го поминуваат без значителни проблеми, но и тие потенцираат дека останува неизвесноста од натамошниот тек на справувањето со КОВИД-19, како и политичката состојба.

-Засега нема пад на цената за продажба на становите, а минимални надолни корекции има на закупите, Корекции на закупите може да има кај 40 проценти од закуподавачите оние кои се зависни од тој извор на финансирање. По настапувањето на кризата голем дел од становите што се издаваа се испразнија, а речиси и да нема трансакции за продажба или издавање на куќи, откако се затворени границите и е стопиран влезот на странците кои се речиси единствените кои закупуваат ваква недвижност, велат за МИА од агенција за недвижности присутна 25 години на пазарот во Скопје.

Како што оценуваат,  цените можеби ќе се променат за извесен период ако продолжи ваквата состојба и банките ги „заострат“ условите за кредитите.  Во секој случај, наведуваат, кризата има влијание, но премногу е краток периодот да се оцени генерално затоа што има и инвеститори кои се јавуваат и бараат плацеви за да градат, а тоа покажува дека се уште има интерес за градба. Тие имаат  обезбедени плацеви, но поради мораториумите за градба не можат да градат па затоа бараат алтернативни локации каде ќе можат да градат.

Податоците на агенциите покажуваат дека метар квадратен станбена површина во најатрактивните општини во главниот град, Центар, Аеродорм и Карпош и натаму се движат околу 1.150 евра. Најбарани се становите од 40 до 50 квадрати со една спална соба и се продаваат уште во тек на градба, а без проблем се продаваат и тие од 50 до 60 квадрати.

Како што објаснуваат, и во услови на тековната здравствено економска криза цената за издавање зависи од тоа кој колку е зависен финансиски од станот што го дава под закуп. Ако е зависен од парите ја корегира цената, а тие што не се зависни ја држат цената. Од тие што се зависни, на пример, ако го издавал 250 евра кога му се ослободил, а многу станови се ослободија со кризата,  на почеток тргнуваат со истата цена, но по извесен период ја намалува на 210 до 220 евра но не се оди по тој износ. Шеесет проценти од закуподавачите не се зависни од парите од закупот, а 40 проценти имаат потреба од тие средства и затоа прават минимални корекции на цената.

Во првиот квартал над 4.000 купопродажби на недвижности, продадени 719 новоизградени станови

Регистарот на цени и закупнини, пак, покажува дека во првиот квартал годинава на пазарот на недвижности се регистрирани вкупно 7.158 трансакции, за 112 повеќе споредено со четвртиот квартал лани. Најмногу имало во февруари,  2.557, а најмалку во март и тоа 2.185. Во јануари се регистрирани 2.416 трансакции. Во првите три месеци од годинава во Регистарот на цени и закупнини се впишани 4.043 купопродажби на недвижности, 719 продажби од инвеститор и 153 откупи од државата. Во овој квартал се регистрирани и 20 продажби на недвижности по пат на лицитација. Евидентирани се 2.223 закупи на целата територија на државата што во однос на закупите од претходниот квартал за 134 трансакции.

Според Извештајот од Регистарот, во првиот квартал годинава во државава се продадени 719 новоизградени станови што е за 162 станови помалку од четвртиот квартал во 2019 година. Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со март, на целата територија на државата има 6.432 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 390 станови.

– Во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 12.706 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови, стои во Извештајот од Регистарот на цени и закупнини за периодт од  јануари до 31 март годинава.

Податоците за првиот квартал годинава покажуваат дека најскапи се становите во Општина Центар, каде просечната цена по метар квадратен изнесува 59.820 денари, по што следат Општина Карпош со 57.457 денари, Општина Аеродорм со 54.845 денари и Кисела Вода 52.859, Општина Охрид каде изнесува 42.671 денар. Во Општина Ѓорче Перов  просечната цена изнесува 41.447, а во Општина Гази Баба 38.648 денари.  Во Битола просечната цена изнесува 34.381 денар, во Струмица 32.861, Куманово 32.382, Штип 32.287, Струга 28.787. Кочани 25.376…

Во првите три месеци од годинава, најголем број продадени станови има во општина Аеродром,  каде во овој период се продадени 302 станови, а Општина Куманово е со најголем број продадени куќи, 38. Кај деловниот простор  најмногу продажби се забележани на територијата на општина Карпош каде што се продадени 27 деловни простори. Во продажбата на земјоделско земјиште со 168 продажби предничи општина Чешиново и Облешево со 164 продажби,  најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Кавадарци со 44 продажби. Во овој квартал се регистрирани и продажби на 13 индустриски објекти и тоа во поголем број на општини.

Според податоците на Катастарот, во Скопје под хипотека се 68.409 станови или 21,34 проценти од вкупно впишаните 320.625. Тоа се две илјади станови повеќе под хипотека споредено со крајот на минатата година  кога под хипотека биле ставени 66.599 стана или 20,87 проценти.  Втора општина по број на станови под хипотека е Неготино со 18 проценти и бројката во однос на лани останува иста, по што следат Гевгелија со 16,56, Кавадарци со 14,15 проценти.

Помалку одобренија за градење во првите четири месеци, доминира Скопскиот регион и вискоградбата 

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во април годинава се издадени 173 одобренија за градење, што е за 27,9  проценти помалку во однос на април лани. Најголем број, 36, има за Скопскиот регион, по што следи Полошкиот со 25, додека во останатите региони бројката се движи од 15  до 18.

Од вкупниот број одобренија повеќе од половина се за објекти од високоградба, а е предвидена изградба на 835 станови. Најголемиот дел се во Скопскиот регион, каде според одобренијата за градење се планирани нови 403 стана, од кои 317 во Општина Аеродром, а 74 во Општина Центар.

Во март, пак, биле издадени 219 одобренија за градење, за 20.9  проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година. И во овој месец повеќе од половината од одобренијата се за објекти за високоградба  со планирани 228 станови. Зголемен број на одобренија имаше во февруару кога беа издадени 248 одобренија, за 62 проценти повеќе, споредено со февруари лани, додека и јануари беше месец со помалку издадени дозволи за градба, 264, за 14 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Карпош лидер по број на трансакции со недвижности, во Вевчани ниту една  

Доколку се разгледа бројот на трансакции по административни општини, ќе се забележи дека најголем број трансакции се случиле на територијата на општина Карпош, односно 564 трансакции, во општина Аеродром се регистрирани 522, додека во општина Центар се регистрирани 474 трансакции и општина Битола 372 трансакции. Најмал број трансакции имало на територијата на општините Градско и Новаци по девет, Арачиново и Зрновци со по шест,  во општината Центар Жупа пет трансакции, додека во општина Вевчани не е реализирана ниту една трансакција.

– На територијата на 44 општини се регистрирани трансакции во обем од 0 до 47, што претставува мал број трансакции за дадениот временски период. Тоа покажува дека има големо раздвојување на пазарот, односно општини каде што има развиен пазар и општини каде што пазарот на недвижности воопшто не функционира, стои во Извештајот од Регистарот на цени и закупнини за првиот квартал годинава.

Лидија Велковска 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена