Прилеп, 12 јуни 2020 (МИА) – Со флаери, информации и совети, прилепското здружение „Сочувај, лекувај, асоцијација на пациенти заболени од црниот дроб“ (СЛАП) за првпат го одбележа интернационалниот ден, 12 јуни, на НАШ (NASH), или, неалкохолен хепатит и замастен црн дроб. Асоцијацијата ја има поддршката од Глобалниот Институт за црнодробни заболувања и во оваа акција се вклучуваат преку 80 земји.
Според Билјана Мирческа, претседател на СЛАП ова заболување е познато и се одбележува во светот, кај нас за првпат, но тоа постои одамна и една четвртина од светската, а со тоа и популацијата на Европа го има. Станува збор за замастен дроб, главно предизвикан од нездрава храна и неактивност. Особено со пандемијата се зголеми ризикот за поголем број заболени.
-Во Македонија немаме статистика на бројот на заболени, но евидентно е во целиот свет дека бројот на пациентите се зголемува. Оваа ситуација со пандемијата дополнително придонесува за зголемување на бројот на пациенти. Луѓето малку движат, а се хранат нездраво и обилно. Она што сакаме да го постигнеме е да се зголеми свеста и кај лекарите и кај населението дека оваа болест постои и според некои статистики секој втор има предиспозиции да развие вакво заболување. Редовно да се оди на контроли, да се вежба и да се внимава на исхраната. Сакаме да се превенира ова заболување. Дејствуваме со информации за сите, делење едукативен материјал и препораки каде да се обратат, изјави Мирческа.
Специјалистот по семејна медицина, Македонка Зероска вели дека заболувааt и млади и возрасни, заболувањето е асимптоматски, па се потребни прегледи кои ќе укажат на тоа. Официјално, лекови нема, но здравиот начин на живот е најбитен.
-Знаеме дека во Европа една четвртина или 25 насто од населението ја има оваа состојба, па претпоставуваме дека и кај нас бројките се во тие рамки. Ова е асимптоматско заболување, што значи дека ние треба да ги откриваме овие случаи. Болеста се јавува уште од најрана возраст, и со растењето, е почесто. Како лекари треба да го искористиме секој систематски или рутински преглед за да може да ги откриеме отстапувањата. Најчесто, преку испитување на крвта, на ензимите на црниот дроб. Она што ќе забележиме, да не го занемаруваме, точно да се дијагностицира и навреме да се лекува. Инаку, се уште нема ефикасен лек, но главна метода е режимот на живеење, начинот на исхрана и активност. Единствени симптоми што упатуваат се зголемен замор, пожолтување на кожата, отечен стомак, тегоби. Затоа се многу битни систематските прегледи. Тоа е главната улога на матичните лекари. Битно е по диијагностицитањето да му се објасне на пациентот дека тоа е за цел живот и мора да се придржува со новиот режим на живеење и исхрана. На тој начин може да се спречат евентуална цироза или карцином на црниот дроб, објаснува Зероска.
Нутриционистот и фитнес тренер Елена Мирческа упатува на здрава храна и поголема активност и движење.
-Здравиот начин на живот и промената на животните навики може да принесат за значително намалување на стапката на заболени и за контролата на здравјето на црниот дроб, а оттука и на целокупната здравствена состојба. Ние како поединци не треба да чекаме да се развијат симптоми на одредено заболување, па дури потоа да реагираме. Одржувањето на нормална телесна тежина, редовен начин на живот и секојдневна физичка активност се одличен начин на превенција, но и на лекување на веќе настанатата состојба, вели нутриционистот Елена Мирческа. ем/аа/