Велес, 12 јуни 2020 (МИА) – Концесионерт кој од минатото лето го доби на управување Градскиот пливачки базен во Велес планира идната среда на 18 јуни да го отвори базенот за посетителите, а деновиве засилено ги изведува последните подготовки пред започнување на годинашната летна сезона.
Како што информира за МИА концесионерот на Градскиот пливачки базен Игор Петковски, првично ќе бидат отворени рестораните и кафе баровите околу самиот базен.
-Дали и самиот базен за капење ќе биде отворен во среда или некој ден подоцна ќе зависи од препораките од Владата и надлежните институции, кои го очекуваме во следните денови, изјави Петковски.
Тој појасни дека за создавање на подобри услови за беспрекорна работа на Градскиот пливачки базен комплетно се заменети старите со нови пумпи за филтрирање на вода за базенот, а поставени се и комплет нови вентили и обновен е цевководот. Воедно претходно веќе ја зацврстија со нови метални елементи и дотраена конструкција на базенот, што ја осигурува безбедноста за сите посетители.
За поголема безбедност на посетителите околу базенот веќе е извршено целосно бетонирање на пешачката зона за капачите и посетителите на површина од 900 квадратни метри. Пешачката зона е обоена со бела боја.
Тој информира дека претстојниот викенд базенот во внатрешноста ќе биде офарбан со сина боја по што пробно ќе се наполни со чиста вода.
Петковски најави дека планираат да издаваат и сезонска карта која за цело лето би чинела 800 денари, додека месечната ќе чини 500, а дневната 80 денари.ад/вј/