Прилеп, 12 јуни 2020 (МИА) – Осум млади спортисти од Прилеп ги добија ветените средства од општинскиот буџет за високи постигнати спортски резултати и за освојувањето медали на првенства, постигнати во текот на 2019 година.
Од 3.000 до 15.000 денари во зависност на постигнатите резултати како поддршка и стимул од прилепската локална самоуправа добија младите спортисти: Антонио Митрески, Матеј Смилевски, Симеон Столески, Михаела Даноска, Борис Џагадуроски, Андреј Смилевски, Елеонора Илиоска и Христијан Здравески.
Младите спортисти ги прими прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, според протокол. Им посака, прво, добро здравје и постигнување нови успеси.
Средствата се според Правилникот за утврдување на критериумите и постапките за доделување средства од буџетот на Општината за спортисти – освојувачи на медали на светско, европско, балканско, државно првенство или на куп натпревари. На минатонеделната седница на прилепскиот совет, Комисијата за општествени дејности и правата на децата ја донесе одлуката за исплатата на средствата. Тие досега беа неисплатени поради непотполна документација. ем/рп/