Скопје, 12 јуни 2020 (МИА) – Подобрување на руралната инфраструктура преку изградба и реконструкција на патишта во подрачја со интензивна земјоделска дејност за полесен пристап до нивите, побрз и поефикасен транспорт без оштетување на производите, ќе овозможи финансиската поддршка за планските региони што од денеска и официјално може да се користи.
Првите договори од вториот повик се потпишаа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со четири центри за развој на плански региони, Североисточен, Вардарски, Источен и Југоисточен, за вкупно девет инфраструктурни проекти за кои поддршката е 5,2 милиона денари. Договорите ги официјализираа министерот Трајан Димковски и претставниците на центрите.
Поддршката ќе се реализира преку Програмата за капитални субвенции, а во следниот период ќе се потпишат и останатите договори.
-Преку оваа Програма беше доделена финансиска поддршка за развој на планските региони во областа на земјоделството и руралниот развој. Со помош на овие средства, центрите имаат можност да реализираат инвестиции за подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба и реконструкција на пристапни патишта во подрачја со интензивна земјоделска дејност. Финансиската поддршка ќе се искористи за израмнување, проширување и тампонирање на пристапните патишта до земјоделските површини, изјави министерот Димковски.
Тој потенцираше дека во овие тешки времиња кога нашата држава се наоѓа пред сериозен предизвик – справување со КОВИД-19, важно е да се создадат услови за непречено производство.
-Продолжува реализацијата на капиталните инвестиции во земјоделството и во оваа вонредна состојба, напомена министерот.
Претставниците на центрите истакнаа дека поддршката им е добредојдена за да ги подобрат пристапните патишта до нивите. мч/са/