Скопје, 11 јуни 2020 (МИА) – Националната федерација на фармери (НФФ) бара да добијат грант сите апликантки кои ги исполниле условите и поднеле комплетна документација за мерката 115 за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2019.
Во Програмата, како што наведува, се предвидени финансиски средства за 100 жени земјоделки, а согласно информациите од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој аплицирале 400 жени земјоделки.
-До јуни 2020 да бидат разгледани сите апликации за мерката 115 и одобрени оние што ги исполниле условите. На ваков начин директно ќе се поддржат жените од руралните средини, кои се соочуваат со голем број на предизвици во овој период. Оваа мерка е посебно значајна за земјоделките посебно сега кога е констатирано од терен дека негативните ефекти од здравствено – економската криза во државата предизвикана од кронавирусот влијаат врз жените во руралните средини, бидејќи нивниот обем на работа е сега зголемен и дома и на поле, а нивниот труд и понатаму не е вреднуван, истакнува Федерацијата.
Во првата половина на април НФФ спроведе анкета со жените од руралните средини според која, 85 отсто од жените – членки на Федерацијата рекле дека сега нивната работа е зголемена и дома и на поле, бидејќи во земјоделството има недостаток на сезонски работници и сами со своите сопрузи и најтесното семејство ги извршуваат активностите, а дома и натаму целосната обврска е на нивен грб.
-Жените од руралните средини се соочуват со голем број предизвиц: социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 проценти од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Вкупно 58 отсто од сите рурални жени немаат лични примања, двојно повеќе од мажите во руралните средини, вели претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.
Според НФФ, жените работат во просек 11,06 часа на ден (41,7 отсто од вкупниот обем е неплатена работа), додека мажите работат во просек 9,68 часа, главно, платена работа. мч/дма/