Охрид, 10 јуни 2020 (МИА) – Владината уредба со која се бара од концесионерите на плажите на Охридското Езеро да ги вратат во првобитна состојба значи уривање на голем број објекти на крајбрежјето. Концесионерите на плажите на Охридското Езеро реагираат на одлуката со забелешки дека тоа ќе нанесе огромни штети како нив како стопанственици, така и на градот и големиот број лица вработени во угостителските објекти.
Досегашните концесионери на плажите предупредуваат дека со реализација на предвиденото со уредбата Охрид губи на атракција како туристички центар, државата ќе губи по основ на даноци и придонеси, а секако и персоналот кој ќе остане без работа.
Тие не знаат зошто државата се решила на таков чекор пред почетокот од туристичката сезона и во сегашната економска криза да се уриваат објектите на плажите, но велат дека ќе го почитуваат независно негативните финансиски последици.
– Некој решил веројатно незнаејќи како да го реши проблемот, значи за четири години ако некој не успее да го реши проблемот јас не знам што треба. Ние гледаме дека приватни лица одат на Марс, а ние не можеме да го решиме проблемот со концесионирање на плажите, изјави Митко Пендов, концесионер на плажата „Потпеш“.
Пендов потврдува дека договорите за концесија на плажите не се продолжени од 2016-17 година, но оти тоа не е поради нивна вина.
Некои од концесионерите дури и ги подмириле обврските кон државата и општината за 2019 година, а сега се соочуваат со нешто неочекувано.
Таков е случајот со познатата „Куба Либре“, едно од најпознатите и најпосетуваните места на брегот на Охридското Езеро. Сопствениците на „Куба Либре“ предупредуваат дека во време на пандемија кога целиот свет се бори со новонастанатата ситуација што предизвикува страотни економски последици и кога сите сили и напори се насочени да се зачуваат работните места, особено во туристичко-угостителскиот сектор кој е најпогоден од кризата, државата решила да ги урива плажите.
– Плажата Куба Либре е изградена и уредена по проект изготвен од државата и не отстапува ниту еден сантиметар од истиот. Од „Ајван плажа“, Охрид доби репрезентативен угостителски објект, место каде доаѓаат да уживаат не само Охриѓани и туристите, туку и многу музичари, уметници и познати личности од целиот свет. Заклучно со 2019 година „Куба Либре“ ги има подмирено сите обврски по основ на концесии, на наше инсистирање, а во државната каса секоја година се уплаќаат шестцифрени суми во евра за даноци. Напоменуваме, уште еднаш, за да нема никакви дилеми во јавноста, дека се платени сите концесии, односно за секоја година од кога постои Куба Либре и по тој основ не должи ниту денар. Во време на здравствена и економска криза, Куба Либре не отпушти ниту еден од триесетте вработени на кои редовно им се исплаќаа плати и придонеси и во периодот кога угостителските објекти не смееја да работат“, се наведува во реакцијата.
Истовремено се посочува дека во уредувањето на плажата „Куба Либре“ се вложени огромни средства, но и многу енергија и љубов за комплексот да изгледа како што изгледа.
– Не може да се поистоветуваат уредени плажи изградени по проект одобрен од државата и класични дивоградби на делови од крајбрежјето на Охридското Езеро, каде системот со години не може да воспостави владеење на правото“, се наведува во реакцијата притоа повикувајќи ги институциите и Владата да ја преиспита и коригира донесената одлука. Воедно од „Куба Либре”, барат од Владата да направи јасна динстикција помеѓу проблемите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охридскиот регион заштитен од УНЕСКО и тие субјекти што работат согласно законите и прописите и претставуваат додадена вредност на туризмот и понудата на градот.
Дијаметрално спротивен е ставот на градоначалникот на Охрид Константин Георгиески кој ја поздрави владината одлука, забележувајќи дека со неа конечно ќе се стави ред во искористувањето на брегот на Охридското Езеро за туристички цели.
– Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност“, е ставот на градоначалникот Георгиески објавен на неговиот профил на социјалните мрежи.
Според него, уредбата ќе придонесе за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство ,а исто така ќе придонесе и за исполнување на насоките на УНЕСКО.
Владата на вчерашната 63 седниц, ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, која предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително треба да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба. аб/оџ