Скопје, 10 јуни 2020 (МИА) – Додека Владо Мисајловски од фејк-њуз ВМРО свесно објавува и шири лажни вести со кои ги манипулира граѓаните, реалноста е сосема поинаква, напиша денеска на Фејсбук генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
-Реалност се пречистителните станици, реалност се автопатите, регионалните патишта и гасификацијата низ цела држава! Направени за напред да одиме сите. Ние остануваме посветени на развој и унапредување на инфраструктурата, а ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на поделби, омраза и она што го знае најдобро, да биде фејк-њуз партија, напиша Николовски во објавата.
Тој реагира на објавата на Фејсбук на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој објави фотографија од реконструкција на пат и праша дали ова е градежната офанзива на владејачкиот СДСМ, што предизвика реакции, а медиумите објавија дека фотографијата која ја објавил всушност е од општината Киршдорф во германската покраина Баварија, а не кај нас.
Според вестите од германските медиуми, објавени на 4 јуни, фотографијата е од баварската општина Кирхдорф, а тамошниот градоначалник Уве Герлсбек тогаш изјавил дека патеката изгледа полошо отколку што навистина е, додавајќи дека нерамнините речиси и не можат да се забележат додека возите велосипед. ац/