Утрински Весник
Македонија

Адеми: Посакуваме од 1 септември враќање во училишните клупи

Адеми: Посакуваме од 1 септември враќање во училишните клупи

Скопје, 10 јуни 2020 (МИА) – Сакаме учениците да се вратат на училиште зашто наставата таму нема замена, колку и да се трудиме. Ќе бидеме подготвени за какво било сценарио, но посакуваме во најнормални услови и околности да се вратиме во училиштата од 1 септември, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми во гостување во последната „ТВ Училница“ која од 16 март секој ден претпладне се емитуваше на Македонската радио-телевизија.

По повод крајот на учебната 2019/2020 година, министерот Адеми и на својот Фејсбук-профил им честитаташе  на учениците за постигнатите успеси и стекнатото знаење, посакувајќи им  пријатен распуст до почетокот на новата учебна година, со надеж дека „ќе се вратиме во училишните клупи“.

-Драги ученици, би посакал оваа учебна година, како претходните години да ја завршивте во училишните клупи, насмеани заедно со вашите другари и другарки! Но, понекогаш работите не одат како што сакаме ние…  И покрај фактот дека не може да се замени наставата во училишните клупи, вие покажавте максимален интерес и посветеност да продолжите да учите од далечина со помош на родителите, и не се сомневам дека сте ја постигнувале целта, напиша Адеми на Фејсбук и им предложи на учениците на распустот да прочитаат некоја книга или лектира и да се вклучат во спортски активности. На матурантите и дипломците, пак, им посакува успех во уписите.

Во гостувањето во „ТВ-Училница“ на МРТ Адеми посочи дека сите придонеле процесот на онлајн-настава да биде успешен – покрај учениците и наставниците, го цени и ангажманот на родителите.

-За волја на вистината, не одеше сè лесно во смисла на организирање и реализирање на образовниот процес, рече Адеми. Главни предизвици биле возраста на учениците, односно вештината на помалите за користење на електронските уреди, како и  проблемот  со интернет-пристапот на  ученици од социјано загрозените семејства што беше надминат.

За „ТВ Училницата“ на МРТ рече дека била беспрекорно организирана, а главен придонес имале самите  наставници кои секој ден учествуваа за да пренесуваат содржини од наставните програми.

Три наставнички кои беа денеска во „ТВ Училница“ оценија дека тоа била најпродуктивна образовна емисија во земјава. Имаат позитивно искуство и ова, сметаат, било можност целата јавност да дознае повеќе за нивната работа, но и да ја оценува.

Наставниците што биле дел од проектот „ТВ Училница“ се задоволни и од помошта и соработката што ја имале од  домаќините на емисијата  (Лина и Цветко од 5+ Фамилија, т.е. актерите Сања Арсовска и Игор Ангелов).

„ТВ Училницата“ беше наменета за  основците и за децата од предучилишна возраст и се организираше на македонски јазик на МРТ1 и на албански јазик на МРТ2. Од 9.30 до 10 часот секој ден во изминатите речиси три месеци имаше програма за претшколските деца, а по получасовниот „голем одмор“, од 10.30 до 12.15 часот се прикажуваше  „ТВ Училницата“ за основците. хс/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот