Скопје, 9 јуни 2020 (МИА) – Владата на денешната седница донесе Уредба за изменување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба.
Уредбата определува дека доколку некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата на Северна Македонија, за што МВР донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице.
Владата ја разгледа и усвои информацијата за активностите на ЕУ за справување со дезинформациите и ширењето на лажни вести поврзани со пандемијата на Ковид-19. Од информацијата произлегуваат препораки со кои на земјите членки, како и на земјите кандидати за членство во Унијата, им се препорачува промовирање на проверени информации и веродостојна содржина со појдовен извор како што е Светската здравствена организација, како и спротивставување на измами поврзани со коронавирусот, унапредувањето на принципот на одговорност и одговорноста на онлајн платформите и детекција и анализа на дезинформациите, вклучувајќи и преземање на координирани кампањи за справување со дезинформациите и ширењето на лажни вести поврзани со пандемијата на Ковид-19. нд/мд/