Приштина, 9 јуни 2020 (МИА) – Во главниот град на Косово наскоро ќе му биде подигнат споменик на најпознатиот косовски фудбалер и поранешен претседател на Фудбалската федерација на Косово (ФФК), Фадиљ Вокри, кој почина на денешен ден пред две години, јави дописникот на МИА од Приштина.
На церемонија по повод годишнината од смртта на Вокри, на стадионот во Приштина, кој го носи неговото име, косовскиот премиер Авдулах Хоти и министерката за култура, млади и спорт, Вљора Дурмоши ја открија статуетката, која победи на конкурсот за идејно решение за споменик на легендата на косовскиот фудбал.
Министерката Дурмоши информира дека изградбата на споменикот, кој ќе биде висок три метри, ќе чини 49 илјади евра, а ќе биде поставен на локација во Приштина за која дополнително ќе се договорат ФФК и општината.
Вокри почина од срцев удар, на 57-годишна возраст, на 9 ноември 2018 година. Како фудбалер се прослави во 80-тите години од минатиот век, кога играше првин за ФК Приштина, а потоа за белградски Партизан, за подоцна да ја продолжи кариерата во неколку клубови во Франција. Беше успешен и како центарфор на репрезентацијата на тогашна Југославија.
По осамостојувањето на Косово беше претседател на ФФК и е најзаслужен за приемот на неговата држава во европската и во светската фудбалска асоцијација, УЕФА и ФИФА.
По повод двегодишнината од смртта на Вокри, бројни спортски, политички и други јавни личности денеска го посетија неговиот гроб и му оддадоа почести, нагласувајќи го неговиот придонес за меѓународната афирмација, не само на косовскиот фудбал, туку и на косовската држава. иа/ссм/