Велес, 9 јуни 2020 (МИА) – Народниот музеј од Велес со поддршка од Општина Велес изминатата недела аплицира за Проект за партерно, хортикултурно уредување и осветлување на Спомен-костурницата од НОВ во Велес.
Проектот е за средства од Европската програма ИПА ИНТЕРРЕГ за прекугранична соработка со Грција во соработка со градот Лерин, збратимениот град Термаикос и институции од Солун, за средства во висина 178.776 евра. Ако биде одобрен проектот во мал процент средства треба да обезбеди Општина Велес, кои потоа треба да и бидат вратени преку Министерството за локална самоуправа.
Како што информира за МИА Марин Клифов, директор на Народниот музеј од Велес, со проектот ќе се осветлат скалилата на Спомен-костурницата, а и хортикултрно ќе се уреди непосредната околина. Се планира и уредување на пешачка петека од кај влезот на чуварата па нагоре се до влезот во Спомен-костирницата, патека која сега е со ситни камчиња и е тешка за одење поради стрмниот терен.
Клифов потсетува дека на отварањето на Спомен-костурницата од НОВ, каде се положени коските на борците од НОВ од Велес и Велешко, а која беше свечено отворена во ноември во 1979 година беа убаво осветлени и сите скалилала кои водеа кон влезот во Спомен-костурницата. Но, низ годините, како што рече, потоа беа целосно уништени од несовесни граѓани и посетители.
Тој информира дека долниот дел од комплексот на Спомен-костурницата каде има паркче со клупи и сега во ноќните вечерни часови е убаво осветлено со канделабри.
-Тоа е често посетено од граѓаните и рекреативците од сите возрасти кои сакаат да шетаа и спортуваат, а посебно ги има се повеќе и повеќе во овие неколку месеци кога поради состојбата со Ковид-19 не можат да одат подалеку од градот. Граѓаните масовно ја посетуваат Спомен-костурницата, посебно во попладневните и вечерни часови кога овие денови наликува на поранешното Градско корзо, посочува Клифов.
Поради состојбата со Ковид-19, внатрешноста на Спомен -костурницата од НОВ заедно со останатите музеи, спомен-куќи и културни институции во градот е затворена за посетители од средината на март. ад/мд/