Утрински Весник
Македонија

Полагањето на студентите во Прилеп без проблеми и според протокол

Полагањето на студентите во Прилеп без проблеми и според протокол

Прилеп,  9 јуни 2020 (МИА) – Без проблеми и со почитување заштитни мерки и протоколи се одвива полагањето на колоквиумските испити на прилепскиот Економски факултет. Околу 700 студенти на факултетот од повеќе градови во земјава ги полагаат колоквиумите со физичко присуство, како што се изјаснија според анкетите и според соодветниот простор во амфитеатрите.

Дневно се полага во три термини: наутро во 8.30, во 11 и во 13.30 часот.

Според Христина Нунеска од Студентскиот парламент, нема проблеми, се почитуваат мерките и студентите се задоволни од текот на сесијата. Од 3 до 15 јуни ова е колоквиумска сесија.

– Се знаат и се почитуваат заштитните мерки и протоколи. При влезот има дезинфекција на обувките, на рацете, мора да се носат заштитни маски и ракавици, а во амфитеатрите сме на дистанца од најмалку два метри. Имаме колеги и од другите градови, имаат транспорт и доаѓаат на испити безбедно. Како студенти сме задоволни од текот на сесијата со физичко присуство и со безбедноста. Инаку, сметам дека доволно научивме преку интернет-наставата изминатите три месеца, вели Нунеска.

Некои студенти се скептични. Немаат забелешка на мерките за заштита, туку се за полагање преку интернет зашто сѐ е голем бројот на заразените со коронавирусот. Сепак, доаѓаат на полагање и мерките се почитуваат.

Продеканот за настава на приелпскиот Економски факултет, Димитар Николоски, објаснува дека студентите ги знаат протоколите, а Факултетот има доволно простор за одржувањето на испитите со физичко присуство.

– Студентите преку анкети се изјаснија за физичко присуство за полагањето испити во јунската сесија, а Факултетот има доволно просторни услови да се запазат протоколите и да се почитува физичката дистанца. Токму затоа, за да нема навалица, дневно имаме три термини за полагање: од 8.30. од 11 и од 13.30 часот. Колоквиумската сесија е од 3 до 15 јуни, а од 20 јуни е полагањето испити за сите кои не положиле колоквиум и сесијата ќе трае до 15 јули, што е околу две недели подоцна од вообичаениот термин сесијата да заврши на крајот на јуни. Но, така наложија состојбите, објаснува Николоски. ем/аа/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија

Исчезната е Владанка Спиковска од Скопје – доколку некој ја види веднаш пријавете