Дебар, 9 јуни 2020 (МИА) – Општина Центар Жупа почна со реализацијата на уште еден значаен проект во напорите да се подобри патната инфраструктура во оваа рурална општина.
Станува збор за обнова и проширување на патот кој од селото Коџаџик води до селото Новак, кое е најголемо во областа Горна Жупа.
Според првиот човек на општината Аријан Ибраим, патот е во должина од 2.500 метри и ќе биде широк 5,5 метри, а ќе бидат инвестирани 22 милиони денари средства од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Работите ги изведува фирмата „Илинден“.
– Ако до лани приоритет ни беше доизградбата на патот Центар Жупа-ХЕ „Глобочица“ во должина од 21 километар, преку кој сега сме поврзани со регионалниот пат за Струга, сега нашите напори се насочени кон рехабилитација и проширување на веќе постојните делници. Набрзо ќе почнеме и со идентичен зафат и на патот Центар Жупа-Коџаџик, каде се наоѓа спомен куќата-музејот на Мустафа Ќемал Ататурк. На тој начин ќе се создадат многу подобри услови во одвивањето на сообраќајот, односно можност туристи да доаѓаат и со автобуси, вели Ибраим.
Тој посочи дека постои голем интерес за посета на спомен куќата Ататурк, како од нашата земја, така и од Турција и други земји, но поради тесниот и оштетен пат таа желба ја реализирале многу помалку од реалната бројка на заинтересирани.
Инаку, во финална фаза е реализацијата на проектот за рехабилитација и проширување на патот од клучката за Спомен куќата на Ататурк до селото Брештани. Патот е во должина од 3.500 метри, проектот се реализира преку Јавното претпријатие за државни патишта, додека ќе бидат инвестирани 25 милиони денари. вт/фф/