Утрински Весник
Македонија

Се подготвуваат работите за санација на „Искрин Мост“ над реката Пчиња

Се подготвуваат работите за санација на „Искрин Мост“ над реката Пчиња

Куманово, 9 јуни 2020 (МИА) – Почнаа подготвителни активности за санација на „Искрин Мост“ над реката Пчиња, во близина на село Доброшане кумановско, на патот Куманово-Свети Николе, информираа денеска надлежните од Јавното претпријатие за државни патишта. Ова е еден од најдолгите мостови во државата. Фирмата изведувач, соопштија од претпријатието, работи на подготвителните активности, поставување на опрема на градилиштето, обезбедување пристапни патишта до столбовите на мостот.

– „Искрин мост“ е воведен во работа од пред месец дена, се работи под мостот, се прават пристапни патишта, се носат механизации за бушење и сè што е потребно, изведувач има, се работи, сериозен зафат е, сериозно бил запоставен многу години, но и тоа се работи, изјави при неодамнешната посета на кумановско, директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.

Мостот се наоѓа во исклучително лоша состојба, за што реагираа и граѓаните.

– Финансиските средства се обезбедени од буџет на Јавното претпријатие за државни патишта. Предвидени се 117.462.949,00 денари со ДДВ. Фирма изведувач задолжена за реконструкција на мостот е ДГП „СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ-Скопје, соопштија од претпријатието.

Мостот е долг 355 метри и е специфичен, бидејќи горниот строј е спрегната конструкција (челични главни носачи и армирано – бетонска плоча) и со овој проект е предвидена негова целосна реконструкција, информираат од претпријатието.

Реконструкцијата ќе ги опфати темелите, столбовите по целата висина кои ќе се зајакнат со нов бетон и арматура, ќе се изврши промена на старите со нови еластомерни лежишта. Во горниот строј на мостот предвидено е зајакнување на главните и попречните челични носачи, зајакнување на постоечката армирано бетонска коловозна плоча, изведба на нова хидроизолација, асфалтен слој, тротоари, дилатации и поставување на нова еластична ограда по ЕН – стандарди со што ќе се заокружи комплетната санација на мостот. Рокот за завршување на работите е две години. ам/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

АХВ со дополнителни активности за детектирање на вирусот на Западно нилска треска кај птиците

Уште еден пациент почина од западнонилска треска, шести случај со смртни последици 

Приведени возачи од Холандија и Србија, на автопатот А-1 возеле со двојно поголема брзина од дозволената