Министерството за животнаа средина и просторно планирање информираше дека до Владата доставило Информација за потребата од прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – заштитен предел и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V- заштитен предел на разгледување и усвојување.
Како што налага законската процедура, по донесувањето на Одлуката за прифатливоста на предлогот, ќе следува јавна расправа на која ќе бидат поканети сите засегнати страни, се вели во информацијата од Министерството, а таа ќе биде поставена и на ЕНЕР за коментирање.
Од МЖСПП велат дека, по јавната расправа, МЖСПП ќе го изготви конечниот акт за прогласување на Водно со вградени аргументирани предлози и сугестии од засегнатите страни, за потоа тој да биде доставен до Владата на разгледување и усвојување.
Речиси две години откако Владата вети донесување на закон за заштита на Водно по итна постапка, извесно е дека таков закон нема да се носи бидејќи предлогот со кој Министерството ќе оди пред Владата во однос на заштитниот статус на Водно е од најниска, петта категорија за што не е потребно носење на закон. „Со оглед што Студијата на Град Скопје предлага степен на заштита во категоријата V – заштитен предел, за неа не е потребно донесување на закон за прогласување, туку само одлука на Владата, по предлог на Министерството“, велат од МЖСПП.
Закон за Водно беше ветен по протестите на екологистите поврзани со изградбата на гасоводната траса преку сртот на парк-шумата во 2018 година. Од „Го Сакам Водно“ изразија крајна разочараност од начинот на кој беа третирани забелешките за бројните недосостатоци во студијата, а Градот одлучи предлогот, таков каков што беше, да го испрати до МЖСПП. Студијата, според МЖСПП, утврдила дека категоријата V – заштитен предел, најдобро ја отсликува специфичната интеракција на луѓето и природата на Водно и дека е во согласност со IUCN стандарди.