Париз, 8 јуни 2020 (МИА) – Францускиот напаѓач на ПСЖ, Килијан Мбапе продолжува да го зазема првото место на списокот на најскапите фудбалери на светот. Ова се наведува во извештајот на Меѓународниот центар за спортски истражувања „ЦИЕС“.
Поради економскиот пад предизвикан од пандемијата од коронавирус, трансферната вредност на 21-годишниот Мбапе се намали за 6 милиони евра за шест месеци и сега изнесува 259 милиони евра. Договорот на играчот со парискиот клуб истекува во 2023 година. Оваа сезона Мбапе одигра 33 натпревари, постигна 30 голови и направи 17 асистенции.
Најскапите играчи се четворица претставници на Англија – Рахим Стерлинг од Манчестер Сити (194 милиони евра), Санчо од Борусија (179 милиони евра), Трент Александар-Арнолд од Ливерпул (171 милиони) и Маркус Рашфорд од Манчестер Јунајтед (152 милиони евра), по што следат Египќанецот Мохамед Салах од Ливерпул (144 милиони евра) и Сенегалецот Садио Мане (139 милиони евра) исто од Ливерпул, Французинот Антоан Гризман (136 милиони евра) од Барселона, канадскиот млад фудбалер Алфонсо Дејвис (133 милиони евра) од Баерн и Англичанецот Хари Кејн (118 милиони евра) од Тотенхем.
Аргентинскиот напаѓач на Барселона, Лионел Меси е на 21-то место на списокот (100 милиони евра), Напаѓачот на Јувентус, Кристијано Роналдо е на 70-то место (62 милиони евра), со што стана најстариот играч во топ 100. Португалскиот напаѓач наполни 35 години години во февруари.