Берово, 8 јуни 2020 (МИА) – Идните првачиња и ученици кои ќе се запишаат во прва година гимназија во училиштата во Берово, со почнувањето на учебната 2020/21 ќе бидат субвенционирани од страна на Општината. Паричната поддршка, како што информираат од Општината ќе биде еднократна, а ќе се доделува на почетокот на учебната година.
-Ова е нова мерка, која општина Берово ја спроведува во рамките на Програмата за социјална заштита за 2020 година. Со неа е предвидено првачињата кои учебната 2020/2021 година, ќе ја започнат во двете деветтолетки „Дедо Иљо Малешевски” и „Никола Петров Русински” во Берово и учениците од прва година средно образование, кои своето школување ќе го продолжат во гимназијата „Ацо Русковски” во Берово, да добијат по 2.000 денари, еднокрaтна парична поддршка, на почетокот на учебната година, истакнаа од Општината.
Потврдата за запишан ученик во учебната 2020/2021 година, како што додаваат, ќе биде обезбедена од училиштата.
-За успешно спроведување на оваа активност, при запишувањето на учениците од прво одделение и прва година средно образование, потребно е да достават фотокопија од лична карта и фотокопија од трансакциска сметка, на еден од родителите, додадоа надлежните.
Според податоците од беровските училишта во учебната 2020/21 годинава во беровските деветтолетки ќе се запишаат над 100 првачиња, кои од септември првпат ќе следат настава. вс/мд/