Утрински Весник
Економија

Тиквешката винска приказна добива музеј на виното во Кавадарци

Тиквешката винска приказна добива музеј на виното во Кавадарци

Кавадарци, 2 јуни 2020 (МИА) – Тиквешката винска приказна добива музеј на виното во Кавадарци. Во тек е реконструкција на поранешната винска куќа во градскиот парк, кој важи за еден од најубавите во државата. Според кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, со овој проект градот на грозјето и виното ќе се промовира во  регионален центар за развој на винскиот туризам во Вардарски плански регион. Активностите се реализираат во соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, кој аплицираше за финансиска поддршка  до Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој.

Вкупната сума на проектот изнесува 7.549.639 денари од кои  учеството на Кавадарци е 3.096.460 денари со одлука на Советот на општината,  а преостанатите 4.453.179 денари се од Бирото.

-Традицијата на винарство на овие простори е повеќевековна. Уште од времето на Римската Империја е запишано дека овде се создавале чудесно моќни вина со мирис на југот, вкус на песната и насмевките на луѓето што живеат на овие простори, за МИА вели Весела Честоева, кустос археолог и историчар на уметност при Музеј галерија Кавадарци.

Таа е ангажирана како раководител на проектот за новиот музеј, ентериерно уредување на поставката. Појаснува дека винскиот музеј ќе биде формиран како локална установа од областа на културата во Тиквешкиот регион. По својата форма тој ќе претставува специјализиран локален музеј што ќе содржи минимум една музејска збирка од значајно културно наследство,  согласно Законот за заштита на културно наследство. Музејот  ќе ги обединува сите музеолошки дисциплини во себе. Археолошка, етнолошка и историска. Тој ќе биде институционален носител на целокупната музејска дејност во делот на винарството,  во цел регион на винските патишта.

-Голем е опусот на археолошки предмети и епиграфски споменици што зборуваат за богатата традиција на винската култура,  забележани преку многубројните прикази на богот Дионис – богот на виното и баханалиите, разни пехари за пиење вино, антички садови за мешање вино, како и алати за обработка на земјата. Не случајно централната манифестација во овој регион се одбележува на верскиот празник  свети Трифун, кој се смета за  заштитник на лозарите и виното, нагласува Честоева.

Таа најавува дека условите за работа во новиот објект од областа на културата ќе бидат модерни, технолошко современи и приспособени за оваа дејност. Во објектот ќе има изложбена просторија за постојаната поставка (музејски дел), опремена со современа опрема според музеолошките стандарди, комерцијален дел каде ќе бидат изложени вина од винариите во Тиквешијата,  со продавница за вино и сувенири и библиотека со информативни содржини.

Честоева информира, исто така, дека за нормално да функционира идниот музеј, освен што Општината издвоила пари од локалниот буџет, финансиско учество има и Министерството за култура,  преку проект од годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата.свд/скс/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен