Утрински Весник
Македонија

Северна Македонија во очекување на преговарачката рамка со ЕУ

Северна Македонија во очекување на преговарачката рамка со ЕУ

Скопје, 7 јуни 2020 (МИА) – Преговарачката рамка се уште не е финализирана и не претставува јавен документ, но се очекува нејзината нацрт-верзија мошне скоро, евентуално на 9 или 10 јуни да биде објавена, а првата Меѓувладина конференција (МВК) со Северна Македонија и Албанија би можела да се одржи оваа есен, барем според прогнозите на  македонските и европските дипломати, надлежни за евроинтегративните процеси.

Документот нема многу да се разликува од рамката, која била изготвена за другите земји во регионот, освен што во неа ќе биде интегрирана новата методологија, која беше усвоена од Европскиот совет.

Нацрт-верзијата на преговарачката рамка, според вицепремиерот за европски прашања и политички преговарач со Унијата, Бујар Османи може да ја очекуваме на 9 или 10 јуни. Тој на почетокот на неделата изјави дека таа ќе биде проследена со кус извештај за напредокот во реформите.

Откако Европската комисија ќе ја објави нацрт-верзијата на преговарачката рамка, земјите членки ќе ги изнесат свои национални позиции и на крајот се обидуваат да дојдат до консензус.

– Очекувам и се надевам дека овој предлог ќе биде неутрален, по однос на позициите на различните земји членки, туку повеќе ќе се заснова на принципите на функционирање на ЕУ. Очекувам дека откако ќе се објави, секоја земја, вклучувајќи ја и Бугарија, ќе се обиде да ја наметне својата национална позиција. Но, се координираме, ние си ги утврдивме нашите државни позиции, за тоа што би сакале и која е најдобрата верзија. Како држава кандидат не сме во позиција да влијаеме на преговарачката рамка, но ќе лобираме и ќе работиме, порача Османи.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на почетокот на неделата најави дека преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија треба да бидат објавени „во наредните денови“.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, пак, в четвртокот нагласи дека засега не може да каже што во себе ќе содржи преговарачката рамка, која се уште не е финализирана, но напомена дека таа ќе има слична структура, како и ваквите документи за останатите земји од регионот.

Во врска со можноста со неа да бидат опфатени и добрососедските односи со Бугарија, Жбогар посочи дека добрососедските односи се важен елемент од процесот на проширување.

– Тоа е потврдено и дел од одлуката на Европскиот совет од март. Потребата од продолжување со спроведувањето на договорите постигнати со соседите и постојаниот развој на добрососедските односи секако дека ќе биде адресирано во преговарачката рамка, изјави Жбогар.

Тој нагласи дека еврокомесарот за проширување Вархеји потврдил дека преговарачката рамка ќе биде објавена во јуни и верува дека се уште стои на овој датум.

Германскиот министер за европски прашања Михаел Рот на конференција на Европскиот политички центар оваа недела изрази надеж дека првата Меѓувладина конференција ќе се одржи наесен.

Меѓувладината конференција го означува де факто отпочнувањето на преговорите за членство со Унијата и отворањето на првото поглавје.

-Многу бев незадоволен што некои угледни земји членки на ЕУ ја потценуваат улогата на Западниот Балкан во мирот и стабилноста на Европа, наш заеднички интерес е да го стабилизираме Западниот Балкан, рече германскиот министер за Европа, чија земја од 1 јули го презема претседавањето со ЕУ од Хрватска.

Северна Македонија по 15 години кандидатски статус и со над десет последователни препораки на ЕК за отворање преговори, на 26 март оваа година од Европскиот совет доби зелено светло за почеток на преговори.

– Европските лидери постигнаа политички договор за почеток на преговори со Европската Унија за Северна Македонија и Албанија. Ова е признание за значајните реформи направени од страна на двете земји кои покажаа силна политичка волја за продолжување на патот до ЕУ, објави тогаш на Твитер хрватското претседателство со ЕУ. ац/бак/

фото МИА архива

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме