Утрински Весник
Свет

Чешка протера руски дипломати обвинети за сеење дезинформации

Чешка протера руски дипломати обвинети за сеење дезинформации

Чешката влада протерала двајца дипломати од руската амбасада во Прага заради ширење дезинформации за наводен заговор да се убијат локални политичари.

Според изјавата на чешкиот премиер Андреј Бабиш, дадена на конференција за медиуми во прага на 5 јуни, причина за протерувањето е што дипломатите прошириле дезинформација за наводен руски заговор да се убијат чешки градоначалници.

Бабиш изјавил дека целиот случај бил последица на меѓусебни интриги помеѓу вработените во руската амбасада. Наводно еден од нив со чешката тајна служба споделил дезинформација дека друг дипломат внел куфер со отровот рицин во земјата.

Повикувајќи се на разузнавачки извори, чешкиот неделник „Респект“ објавил дека се загрозени животите на чешки политичари чии постапки се сметале како спротивни на интересите на Русија. Ова во текот на април и мај предизвикало узбуна и подигање на мерките за безбеденост.

Според водечкиот чешки сајт за вести Aktualne.cz, обајцата протерани дипломати работат и за руската тајна служба. Наводно се работи за шефот на Рускиот културен центар Андреј Кончаков и неговиот подреден Игор Рибјаков, за кој во чешката јавност се шпекулира дека лажно го накодошил својот шеф.

Кончаков во април демантирал дека во куферот носел рицин, туку само „средство за дезинфекција и слатки“.

Низа аналитичари тогаш изразиле скептицизам околу наводниот заговор за атентати, укажувајќи дека руските служби до тогаш низ Европа убивале само руски и чеченски дисиденти кои пребегале, но не и странски политичари.

Руската амбасада во Прага изјавила „длабока разочараност“ преку пост на Фејсбук, квалификувајќи ја одлуката за протерување на двајцата дипломати како „исфабрикувана провокација“ и показател на отсуство на желба за нормализација на руско-чешките односи кои биле нарушени „не по наша вина“.

Сеење страв меѓу оние кои се спротивставиле на Русија

Во текот на април, три градоначалници од Прага биле ставени под полициска заштита заради наводните закани од атентат.

Прв меѓу функционерите чиј живот се сметал за загрозен е Ондреј Колар, градоначалникот на прашката шеста област, за кого се сметало  дека многу ја налутил Русија со отстранувањето на споменикот на советскиот маршал Иван Конев на 3 април, во тек на вонредната состојба прогласена поради Ковид-19.

Колар бил скриен и чуван на тајна локација од чешките безбедносни служби, извести Би-Би-Си.

Плоштадот во Прага од кој е отстранет споменикот на советскиот маршал Конев. Фото: Глобал војсис/Филип Нубел, објавено со дозвола.

Вториот чешки јавен функционер за кој се сметало дека му е загрозен животот е градоначалникот на Прага Зденек Хриб, кој е заслужен за неодамнешното преименување на улицата пред руската амбасада од „Под Каштани“ во „Борис Немцов“, според името на рускиот опозициски лидер убиен во Москва во  2015 г.

Третиот политичар поврзан со гласините за можен атентат е Павел Новотни, градоначалник на малото место Репорје кое е дел од прашката 13. област. Тој на 9 мај овозможил поставување споменик на контроверзниот Иван Власов, бивш советски генерал кој во Русија се смета за предавник.

Власов во текот на Втората светска војна прво служел на советска страна, па по заробување преминал на страната на нацистичка Германија, но потоа во 1945 г. пак променил страна и на крај учествувал во востанието за ослободување на Прага од нацистите. Потоа бил заробен од Црвената Армија, осуден и погубен во 1946 г.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана