Скопје, 5 јуни 2020 (МИА) – Легендарното десно крило на ППД Загреб и на хрватската ракометна репрезентација, Златко Хорват, потпиша едногодишен договор со Металург. Претседателката на Металург, Зорица Блажевска, соопшти дека Металург првично бил заинтересиран за Гоце Георгиевски, но тој го одбрал Вардар, а во Хорват гледа идеално засилување за тимот од Автокоманда.
– Наша цел во овој преоден рок е во тимот на сите позиции да имаме по еден искусен ракометар, па така во Металург дојдоа Рниќ, Канкараш и Потиќ, а очекувано беше да донесеме и по еден добар играч на крилните позиции. Прв избор ни беше Гоце Георгиевски, но, откако тој го одбра Вардар, бевме принудени да бараме друг играч. Златко Хорват изгледаше како најдобро решение и по кратки преговори успеавме да се договориме. Тој е среќен што доаѓа во Металург и мислам дека ќе биде идеално засилување за нашиот клуб, во кој тој ќе биде еден од лидерите на екипата. Ангажманот на Хорват се вклопи и во новото правило на РФМ во однос на бројот на странци, бидејќи е стандарден репрезентативец на земја која е во европскиот топ-15, изјави Блажевска за клупската веб-страница.
Триесет и петгодишниот Хорват целата своја досегашна ракометна кариера ја мина во ППД Загреб, со кој ги освои сите титули во првенството на Хрватска од 2002 до денес и сите титули во Купот на Хрватска од 2003 година до денес. Со својот клуб е и освојувач на СЕХА-лигата во 2013 година.
Како репрезентативец на Хрватска, Златко Хорват има бронза од ОИ Лондон, сребро и бронза од СП и две сребра и две бронзи од ЕП. зс/