Скопје, 5 јуни 2020 (МИА) – Мнозинството граѓани во државава сметаат дека САД се меѓу најважните политички партнери на земјата, покажува најновото мултинационално истражување за Западен Балкан, што го спроведе Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Истражувањето открива поделени мислења за Соединетите држави како економски и политички партнер, но и ентузијазам за посилни врски со Европската Унија (ЕУ). Истражените земји биле Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Како одговор на прашањето кои нации ги сметаат за најважни економски партнери, јавноста се поделила во одговорот, Косово со извонредно мнозинство (94 проценти) се повикало на САД, во споредба со само 13 проценти од испитаниците во Србија кои го делат ова чувство. Големото мнозинство во Србија ги наброило Русија (73 проценти) и Кина (71 посто) меѓу најважните економски партнери.
– И поголемиот дел во Црна Гора смета дека САД се меѓу најважните политички партнери на нивната земја. Во Босна и Херцеговина и Србија, уделот на оние кои го гледаат САД како клучен политички партнер е помал (29 и 15 проценти), стои во истражувањето.
Ентузијазмот за членство во ЕУ останува голем. На прашањето како би гласале ако утре се одржи референдум мнозинството од граѓаните во земјава (74 проценти) го поддржува пристапувањето.
Мнозинството во сите земји рекле дека ќе гласаат за интеграција во ЕУ. Во Косово, огромно мнозинство (93 проценти) го поддржува пристапувањето, а и силно мнозинство во БиХ (76 проценти).
– Загриженоста за дезинформациите беше очигледна во петте испитани земји, што покажува дека лажните наративи што често ги туркаат малигните актери се континуиран проблем на Западниот Балкан. Мнозинството во БиХ, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија се согласија дека погрешните или лажните информации во медиумите се или „многу“ или „донекаде“ проблематични за нивните земји. Дополнително, мнозинството во сите пет држави рекоа дека наидуваат на погрешни или лажни информации во медиумите „дневно“, „речиси секој ден“ или „неколку пати неделно“, се наведува во истражувањето.
Регионалниот директор на ИРИ за Европа, Пол Мекарти смета дека оваа анкета покажува дека многумина во регионот ги насочуваат своите интереси кон Западот.
– Постојаната поддршка од САД и ЕУ за зајакнување на демократијата во целиот регион е клучна за консолидирање на овој позитивен тренд и овозможување на овие земји да се спротивстават на загрозувањето од страна на авторитарните сили. Земајќи предвид дека голем дел од дезинформациите што кружат на Балканот произлегуваат од авторитарни сили како што се Кина и Русија, утешува фактот што граѓаните на Балканот ги препознаваат проблемите кои ги предизвикува овој феномен, вели Мекарти.
Истражувањето се спровело во име на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ од Ипсос Босна и Херцеговина меѓу 2 февруари и 6 март 2020 година. Податоците биле собрани преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците во секоја од вклучените земји, со стапки на одговор од 50 до 85 проценти и со користење на повеќестепена стратификација пропорционална на распределбата на населението. Ова истражување било спроведено со поддршка од Националниот фонд за демократија. мс/ац/