Во наредните три дена, Град Скопје ќе ги репризира маалските концерти кои беа дел од проектот „Култура во време на корона“. Настапите ќе се емитуваат на официјалната фејсбук страницата на Град Скопје.
„Граѓаните ќе имаат можност секој час во текот на петок, сабота и недела, да уживаат во изведбите на различни уметници од независната културна сцена што беа дел од проектот „Култура во време на корона“. За време на полициски час, почнувајќи од денес, програмата ќе понуди разновидна програма – концерти на класична, поп, рок, алтернативна и електронска музика“ информираат од Град Скопје.
Маалските концерти се резултат од барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ кои беа поддржани од ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена и Синдикатот на Културата (СКРМ), за заштита на социјалната состојба на уметниците од независната културна сцена.
Во склоп на проектот „Култура во време на корона“ се реализираа над 50 настани на кои настапија повеќе од 200 изведувачи во осум различни општини во Скопје. Идејата на јавниот повик за оваа програма беше на невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во периодот на корона криза да добијат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари од страна на Град Скопје.