Скопје, 5 јуни 2020 (МИА) – Клубот на гувернерите на централните банки од Централна Азија, Црноморскиот Регион и Балканот ја потврдија заложбата за водење политики кои ги поддржуваат ценовната и финансиската стабилност, а дополнително, во рамки на просторот за делување на централните банки, и дадоа поддршка на економското заздравување во времетраење колку што е потребно за да се надмине кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Оваа заложба била истакната на 43. средба на Клубот на гувернерите на централните банки од овие држави на која учествуваше и гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска Бежоска, која заради околностите коишто ги наметнува пандемијата се одржала телеконференциски.
На средбата, како што соопштија од Кабинетот на гувернерката, учествувале гувернери и други претставници на централни банки од околу дваесет земји.
-Настанот претставуваше одлична можност за размена на искуства помеѓу централните банки во врска со справувањето со предизвиците од корона-кризата. Искуствата покажуваат дека реакцијата на централните банки, во основа е преку намалување на основната каматна стапка, ослободување ликвидност во банкарскиот систем преку различни монетарни инструменти и проширување на листата на хартии од вредност кои се прифатливи за обезбедување на дополнителна ликвидност на банките од страна на централните банки. Одделно беа посочени и активностите за обезбедување поповолни услови за отплата на банкарските кредити од страна на кредитокорисниците погодени од кризата и стимулирање натамошно поповолно кредитирање, особено на погодените сектори. Сите овие мерки се дел и од веќе преземените мерки на нашата централна банка. Тоа уште еднаш потврдува дека и во текот на актуелната корона-криза, Народната банка, во рамки на своите надлежности остварува максимален придонес за македонската економија, се наведува во соопштението.
Во текот на дискусијата било укажано и на потребата централните банки да имаат постепен пристап при преземањето на мерките и да остават дополнителен простор, со оглед на присутната неизвесност во однос на времетраењето на кризата. Посочено било и на потребата од обезбедување поддршка од страна на централните банки и во периодот кога ќе започне процесот на опоравување на економијата.
Од НБРМ истакнуваат дека учеството на Ангеловска-Бежоска на средбата на Клубот на гувернерите е уште една потврда на определбата на Народната банка да биде активен учесник во активностите на централнобанкарската заедница и во овој период, придонесувајќи во размената на искуства и на мислења за можностите за натамошен придонес на централнобанкарските институции во справувањето со корона-кризата. бк/ац/