Кочани, 4 јуни 2020 (МИА) – Земјоделците во кочанскиот регион ја завршија овогодишната сеидба на оризот на околу 3.500 хектари, што е за дваесетина отсто помалку во однос на планираното.
Од водостопанската подружница „Брегалница“ информираа дека причина за намалувањето на површините е неповолната хидролошка состојба во текот на зимскиот и пролетниот период, како и потешкотиите со големата влага во почвата на одделни полиња, што ги оневозможи земјоделците навреме да ги обработат и подготват нивите за претстојната сеидбена сезона.
-По завршувањето на сеидбата, кога потребите за вода за полнење на оризовите ниви се и најголеми, во моментот во акумулацијата Калиманци има 68 милиони кубни метри вода, што е минимален капацитет за успешно завршување на целата вегетација на оризот и другите земјоделски култури. Апелираме до земјоделците крајно рационално да ги користат расположивите количини, односно навреме да ги планираат и извршуваат агротехничките мерки за заштита од плевели, кога полињата се празнат, а потоа повторно се полнат. Ние сме подготвени успешно да го реализираме планот за наводнување, за што е потребна соработка и од водокорисниците, истакна Дени Митров, директор на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.
Како подготовка за успешна реализација на сеидбата на оризот, во регионот што го покрива кочанското водостопанство, машински се исчистени 150 километри земјени канали, 20 километри бетонски канали, како и коритото на реката Брегалница во должина од 2,5 километри. Дополнително, со рачен ископ исчистени се и 50 километри главни и споредни бетонски канали за наводнување.та/см/