Утрински Весник
Македонија

Филипче: И после 100 прес-конференции и апели, има граѓани кои не ја прифаќаат реалноста

Филипче предлага да се затворат парковите и други построги мерки, граѓаните не слушаат препораки

Вирусот не е шега и нема да замине додека не прифатиме дека е закана за секој кој не ги почитува мерките. И после 100 oдржани прес-конференции и повторени апели и пораки, еден дел од граѓаните одбива да ја прифати реалноста дека вирусот е сериозна закана, истакна пред малку на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче кој информираше за новите рестриктивни мерки што ќе важат во претстојниот продолжен викенд.

– Комисијата за заразни болести правеше анализа и ги следеше трендовите на новозаболени пациенти. Тие покажуваат дека имаме некоку локации каде што има брзо ширење на вирусот, како резултат на непочитување на мерките. Не се носела лична заштитна опрема, имало собири по прослави, групирања. Добро е што освен во неколку општини во кои ќе има полициски час, во целиот останат дел од земјата состојбата е стабилна, што е потврда дека стратегијата дала резултат. За да се спречи ширењето на вирусот во критичните региони, донесовме одлука за враќање на полициски час. Се воведува забрана на движење на сите граѓани на Скопје, Куманово, Липково, Штип, Тетово, почнувајќи од четврток од 21 до понеделник до 5 часот наутро – рече Филипче.

Освен тоа, во периодот од утре од 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот, се забранува посета на гробишта на територија на цела држава, освен за погреби.

– Земјоделски активности е дозволено да се извршуваат исклучиво за работни потреби. Аптеките ќе работат непречено. Забраната за движење нема да важи за полицијата, армијата, здравствените установи, маркетите и рестораните, при што тие своите ангажмани ќе ги организираат непречено. Важат сите издадени дозволи за движење. Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници ако имаат документи – додаде министерот.

Враќањето на рестрикциите на никој не му паѓа лесно, додаде тој.

– Верувам дека сите вие кои ги почитувавте мерките, за што ви благодарам, се чувствувате обесправени. Но, имам обврска како министер да го заштитам јавното здравје. Тоа ќе го правиме додека не излеземе како победници од сето ова. Ако било кога во историјата на земјата било потребно единство, тоа е сега. Ако сите се заложиме и секој со своето влијание се бори, ќе успееме многу брзо да го надминеме и овој втор бран – кажа тој.

На прашањето, зошто се затвора целиот главен град кога не се сите општини жаришта, тој одговори дека Скопје е функционална единица и дека многу луѓе циркулира низ целиот град, па со оваа мерка ќе се заштити целиот град.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим