Утрински Весник
Македонија

Со буџетскиот ребаланс не се скратија парите за изградба на пругата кон Бугарија

Со буџетскиот ребаланс не се скратија парите за изградба на пругата кон Бугарија
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Со ребалансот на буџетот за 2020 година се скратија средства од над 12 милиони евра што беа предвидени годинава да се инвестираат во железничката инфраструктура во земјава. Пандемијата со корона вирусот и неопходноста за намалување на буџетските расходи како резултат на забавените економски активности придонесоа првично планираните 43 милиони евра да се намалат на 30,6 милиони евра, колку што во 2020 година ќе се потрошат за железничката инфраструктура.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ информираат дека средствата за изградбата на железничките делници Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка од проектот за изградба на пруга кон Бугарија не се намалени, а идентична е и сумата предвидена за довршување на реконструкцијата на делницата Ногаевци-Неготино од Коридорот 10.

– Тие се оставени во Буџетот во целосен износ, онолку колку што биле побарани од страна на ЈП Железници Инфраструктура – посочуваат од ова министерство.

Кратења на средства кај ставката „инвестиции во железничката инфраструктура“ во државниот буџет има кај субвенциите за претпријатието Железници на РСМ – Транспорт, коишто се исплаќаат за вршење на услугата од јавен интерес за железнички превоз на патници. Исто така, со буџетскиот ребаланс се намалени средствата што се префрлаат на Јавното претпријатие ЖРСМ-Инфраструктура, кои се предвидени за реализација на Годишната програма за железничка инфраструктура.

Македонија годинава треба да го заврши тендерот за избор на изведувач што ќе ја гради пругата од Бељаковце до Крива Паланка долга 34 километри, при што Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во пронаоѓањето најповолен понудувач ќе бира меѓу понудите на осум фирми што влегоа во втората фаза од меѓународниот тендер. По изборот на градежната компанија, до крајот на годинава треба да почне изградбата на втората фаза од железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија.

Во меѓувреме, на терен продолжува изградбата на првата фаза од проектот за железничката делница Куманово-Бељаковце. До крајот на 2020 година треба да заврши изградбата на оваа пруга со должина од 30,8 километри, која со многу бавна динамика се изведува уште од 2014 година.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Поради недостиг на мазут, ЕСМ бара прогласување кризна состојба со струјата

Стојаноски: Измените на Кривичниот законик се преодно решение за да се спречи амнестија на криминал во над 200 предмети

Претседателот на Собранието Гаши прими делегација предводена од претседателот на ТИКА Ерен