Скопје, 2 јуни 2020 (МИА) – Вицепремиерот за европски прашања и шеф на владиниот кризен штаб Бујар Османи во вечерашното интервју за телевизијата „Телма“ истакна дека колективните рестриктивни мерки не можат да бидат посилни од индивидуалната свест на граѓаните и оти е потребно спротивставување на лажните вести и теориите на заговор, за луѓето да ја увидат опасноста на вирусот а не да веруваат дека тој не постои.
– Јас, како политичар, не би контрирал на ставовите на Комисија за заразни болести во однос на рестриктивните мерки. Но, лично сметам дека колективните рестриктивни мерки не можат да бидат посилни од индивидуалните мерки за заштита. Не може на ниту еден начин да се наметне личната хигиена, држењето дистанца и носењето маска. Треба да се работи на подигнување на индивидуалната свест дека секој треба да си го штити својот праг за да не влезе вирусот во неговиот дом, истакна Османи, кој рече дека во моментов е многу важна борбата против лажните вести, кои се обидуваат да ја злоупотребат психичката фрагилност на луѓето за да наметнат конспиративни теории.
Според Османи, зголемениот број на новозаразени е вознемирувачки и загрижувачки. Но, како што рече, олеснителна околност е тоа што се познати кластерите, што овозможува подобро менаџирање, тестирање и контролирање на вирусот.
Тој истакна дека поголемиот дел од граѓаните ја сфатиле сериозноста на ситуацијата и ги почитувале владините мерки, но проблем се оние кои тоа не го сториле.
– Доколку некој не верува дека маската го штити, тој ќе ја носи само кога ќе види полицаец, потоа ќе ја извади. Не може полицаец да ја чува секоја врата и да го чува секој човек, вели Османи, кој смета сите заедно во Владата, која е составена од неколку партии, треба заедно да работат за да се надмине епидемиолошката криза и оти е рано да се утврдува одговорноста за зголемување на бројот на новозаразени, бидејќи, како што рече, за тоа е потребна издржана анализа, а не шпекулации. ир/сп/