Кочани, 2 јуни 2020 (МИА) – Општина Кочани се соочува со вандализам врз поставената комунална инфраструктура, особено со оштетување на реквизитите во новоизградените детски игралишта, што сè уште не се предадени во употреба.
Како најнов за пример за несовесното однесување на одделни граѓани, службите од локалната самоуправа го наведуваат оштетувањето на игралиштето во близина на социјалните згради во населба Драчевик. Дел од реквизитите се откорнати од подлогата, лулашките и клацкалките се расипани, а искршени се и клупи и канти за отпад.
– Ова игралиште е изградено со пари од граѓаните на Општина Кочани, што значи дека оваа опрема им припаѓа на сите и треба рационално да се користи и чува. За жал, можеме да констатираме дека не е така, и ние како локална самоуправа сме загрижени за ова што се случува, за однесувањето на лицата коишто го користеле недозволено, незаконски, па игралиштето кое сè уште не е ставено во функција е уништено. Ако продолжи ова однесување, нам ни преостанува реквизитите да ги дислоцираме и да ги поставиме на место каде што ќе бидат користени одговорно и совесно, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Градоначалникот Илијев веќе се сретнал со дел од жителите на оваа населба, кои се пожалиле на непристојно однесување и уништување на урбаната опрема од соседи во новиот станбен објект. Тие побарале надлежните да преземат мерки против лицата кои ова место на живеење од мирно го претвориле во неиздржливо, небезбедно и неспокојно. та/дма/