Утрински Весник
Македонија

Отворено писмо на НАкС до ректорот на УКИМ и Универзитетската изборна комисија

НАкС: Апсурдно е ректорот на УКИМ да се повикува на слободата на синдикалното здружување и отворено да застане зад префериран синдикат

2 јуни 2020

Почитуван ректор, почитувани членови на Универзитетската изборна комисија,

Во изминатиов период во повеќе наврати ги изнесовме нашите аргументи во врска со
противправните аспекти на отпочнатата постапка за избор на ректор и одржување избори за Сенат
на УКИМ. Вчера поднесовме и претставка до ДПИ за овие прекршувања на Статутот на УКИМ. Покрај
овие правни аспекти, искрено сметаме дека вака организираните избори сериозно ја нарушуваат
демократичноста и легитимитетот на изборните процеси на УКИМ, бидејќи овие дејствија се
преземаа во вонредна состојба во која живееме и работиме веќе неколку месеци.
Но, како одговорен синдикат, кому една од целите определени во членот 5 од Статутот е и
„Заштитата при работата и водењето посебна грижа за здравјето и животот на вработените“, НАкС
во овој момент чувствува потреба да ви ги предочи и потенцира здравствените ризици од
одржувањето на изборите на УКИМ, во услови кога тоа не е неопходно. Сведоци сме дека
пандемијата не само што не забавува, туку повторно зема замав во нашата држава. Само вчера
имаше 89 новодијагностицирани, а за жал, седум го загубија својот живот во битката со заразата.
Затоа, потребно е академската заедница на дело да ја покаже својата зрелост и да ги спречи сите
активности кои подразбираат непотребно организирање собири и непосредни контакти, со што се
зголемува ризикот од ширење на заразата.
Говоревме и претходно, а потсетуваме и сега – има и повеќе од доволно време бидејќи мандатот
на ректорот трае до 1 октомври. Дополнително, со Уредбата на Владата за спроведување на Законот
за високо образование во вонредна состојба се продолжува мандатот на ректорот и Сенатот на
УКИМ, а нивниот избор може да отпочне по завршувањето на вонредната состојба. Одредбата е
воспоставена со цел да се одржи функционалноста на универзитетите низ државата, притоа
штитејќи го здравјето на членовите на академската заедница.
Доколку не ја испочитувате оваа уредба и продолжите со спроведување изборите на УКИМ,
подготвени ли сте да го понесете товарот од евентуалното загрозување на здравјето на нашите
колеги? Сте помислиле ли дека ваквите акции може да ја загрозат безбедноста на нашите студенти,
на нашите семејства, а особено на оние кои припаѓаат на ризичните групи?
Во овие моменти, што е поважно – изведувањето брзи избори кои не се неопходни или, пак,
здравјето и безбедноста на сите нас?
Ректоре на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, колеги, членови на Универзитетската изборна
комисија, вие сте оние кои ги имаат механизмите да го спречат загрозувањето на здравјето на
академската заедница на УКИМ. Изборот е едноставен. Во име на здравиот разум и хуманоста,
бидете одговорни – донесете ја правилната одлука и стопирајте ги овие активности.

Со почит,
НАкС

Независен академски синдикат

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи

КАКО ДА СМЕ ЈАНУАРИ, А НЕ НОЕМВРИ: Рано утринава во Македонија измерени дури -12 степени!

И покрај ветерот повеќе градови во Македонија дишат загаден воздух – Во Кичево девет пати над дозволеното