Скопје, 1 јуни 2020 (МИА) – Независниот академски синдикат (НАкС) денеска поднесе претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) за отпочната постапка за избор на членови на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од страна на ректорот Никола Јанкуловски, со што тој повторно, како и за постапката за избор на ректор, ги прекршува Статутот на УКИМ, Законот за високо образование и Уредбата за примена на Законот за високо образование донесена од Владата во услови на вонредна состојба.
В.д. претседателката на НАкС Елена Џукеска изјави за медиумите дека на 22 мај е испратен допис до одговорните лица на факултетите и единиците за отпочнување постапка за избор на нови сенатори, бидејќи мандатот на постојниот Сенат истекува на 27 јуни.
Дописот се повикува на член 155 од Статутот на УКИМ, меѓутоа токму самиот член 155, рече Џукеска, предвидува изборот за сенатори да почне 60 дена пред истекот на мандатот на Сенатот, а од 22 мај до 27 јуни нема 60 дена. Предвидено е постапката за избор на нови сенатори да заврши до 8 јуни. Ова е во спротивност и со Уредбата на Владата бидејќи таа, посочи Џукеска, предвидува мандатот во услови на вонредна состојба да им се продолжува на сите органи и тела кои до пред отпочнувањето на вонредната состојба не била започната постапката за нивни избор.
-Сметаме дека ова не е само непознавање на законската регулатива, туку е обид за манипулација од страна на ректорот, особено што ова ќе се тера паралелно и набрзина заедно со постапката за избор на ректор која, еве, до овој момент, и покрај нашите јавни повици, не е прекината, туку си продолжува. Рокот од 60 дена не е случајно предвиден во Статутот, не е сеедно кој ќе биде член на Сенатот, затоа што тој е стручен орган, но и управувачки орган кој ја споделува одговорноста за сите одлуки заедно со ректорот. Вработените на УКИМ имаат право да размислат за кого ќе гласаат при изборот на сенатор и кого сакаат да го назначат. Патем, на некои од единиците сè уште нема стигнато информација дека постапката за избор на сенатори е во тек, изјави в.д. претседателката на НАкС.
Синдикатот очекува од ДПИ да реагира и да изврши надзор, а ректорот Јанкуловски го повикаа да ја прекине оваа постапка, како и постапката за избор на ректор.
-Навистина е вон памет во вакви услови да се тераат двете работи паралелно, набрзина и да се доведуваат вработените во заблуда, додаде Џукеска.
По барање на Антикорупциската комисија од 27 мај, Инспекторатот треба да изврши вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по однос на постапката за избор на ректор на УКИМ и за избор на претседател на Сенатот.
Постапката за избор на нов ректор на УКИМ почна во март со онлајн-седница на Ректорската управа, а продолжи во вторникот со предлог-одлука на дневниот ред за начинот на спроведување на тајното гласање за формирање на Универзитетска изборна комисија.
Антикорупциската постапи по пријава во врска со функционирањето на Сенатот на УКИМ и најавата за отпочнување на постапка за избор на ректор на универзитетот и спроведе проверка на постапувањата на ректорот Никола Јанкуловски во однос на усогласеноста со Законот за високо образование и со Статутот на УКИМ, како и од аспект на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси дали овие активности тој ги води во ситуација што може да се оквалификува како состојба на судир на интереси.
На новинарско прашање Џукеска одговори дека немаат сознанија дали ДПИ го почнал надзорот во УКИМ за изборот на ректор. – Ние немаме до овој момент сознанија. Можеби во текот на денот нешто ќе дознаеме, рече Џукеска, додавајќи дека очекува Инспекторатот да постапи и да му укаже на ректорот да ги прекине двете постапки. хс/дма/
Прес-конференција на НАКС
Posted by MИА.mk on Понеделник, 01 јуни 2020