Утрински Весник
Македонија

Општина Виница ги намали за половина давачките на угостителите

Општина Виница ги намали за половина давачките на угостителите

Виница, 30 мај 2020 (МИА) – Општина Виница го намали за половина надоместокот за истакнување фирма на угостителите за тековната година, за да им помогне поради кризата со епидемијата од коронавирусот. Едногласна одлука за намалувањето донесе Советот на Oпштината, со што таа официјално ќе се применува до крајот на годината.

Како што соопшти градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, сите угостителски објекти на територијата на општината надоместокот за фирмарина за 2020 година ќе го платат во износ од 50 отсто. Оние кои користат јавни површини за поставување маси и столови, воопшто нема да плаќаат надоместок за последните три месеци.

-Со членовите на општинскиот Совет се договоривме ако угостителите имаат и други барања за олеснување на нивното работење, истите да ги разгледаме и доколку сме во можност или во надлежност да им ги овозможиме. Дел од советниците предложија угостителите целосно да бидат ослободени од плаќање на фирмарината, но неопходни се дополнителни аргументи за оправданоста на таквото барање, кое што сме подготвени да го разгледаме, истакна Димитров.

Освен на угостителите, Општина Виница е подготвена да им помогне и на трговските дуќани и другите стопанственици кои директно се погодени од кризата од Ковид-19, за што ќе треба да поднесат соодветни барања за намалување на надоместокот за истакнување фирма.

Градоначалникот Димитров додаде дека реализацијата на општинскиот буџет во првиот квартал од оваа година е со 27 отсто од вкупно планираниот годишен износ, што е солидно, имајќи ја предвид вонредната ситуација во државата. Со оглед што сѐ уште не се доставени решенијата за данок на имот, тој очекува во втората половина од годината да се подобри финансиската состојба на локалната самоуправа.та/бт/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски