Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Општина Гази Баба преку владината програма за намалување на аерозагадувањето во делот за енергетска ефикасност изврши замена на прозорците во градинката Темјанушка во населбата Автокоманда.
На означувањето на крај на реализацијата на проектот, градинката „Темјанушка“ денеска ја посетија заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.
– Како сериозна локална власт која работи во интерес на граѓаните овој период додека детските градинки времено се затворени го користиме за реконструкција и подобрување на условите во кои престојуваат нашите дечиња, нагласи Георгиевски.
Тој посочи дека ова е втор проект што Општина Гази Баба го реализира од владината програма за намалување на аерозагадувањето во делот за енергетска ефикасност.
Истакнувајќи дека градинката „Темјанушка“ е една од најстарите објекти во нашата Општина, Георгиевски информира дека покрај замената на прозорците, во следниот период ќе следува реконструкција на подот и молерисување на објектот, реконструкција на санитариите, како и уредување на дворот од оваа детска градинка.
– Благодарен сум што општина Гази Баба има голема поддршка од Владата за решавање на проблемите во општината и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Нашата заедничка соработка продолжува со реализација на другите проекти кои веќе се започнати или планирани, додаде Георгиевски. сп/