Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, заедно со градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска направи увид во завршните активности на реконструкцијата на спортска сала „Зоран Стојановски”.
Оваа реконструкција, како што соопшти владината Прес-служба, е според современи практики и стандарди, ќе ги исполнува сите предуслови за домашни и меѓународни натпревари и спортски случувања, а завршните зафати и подготовката за употреба ќе завршат овие денови.
– Како Агенција за млади и спорт заедно со Општината ја реконструиравме оваа сала која е симбол на спортот. По целосната реконструкција на салата, верувам дека сите спортски љубители и многу граѓани ќе се рекреираат тука. На тој начин ќе придонесеме да се развијат сите спортски предуслови во Општина Ресен и повторно ќе се радуваме на успесите на Р.К. Преспа. Благодарност до Општина Ресен за поддршката и партнерството во процесот, изјави директорот Каевски.
Со реконструкцијата на спортската сала „Зоран Стојановски“, која чинеше 7.759.682 милиони денари, Општина Ресен добива еден сосема поинаков модерен лик и место за сите граѓани за рекреативно и професионално спортување. сст/сп/