Утрински Весник
Македонија

Филипче: Владата при носење на одлуките исклучиво се водеше по препораките на Комисијата за заразни болести

Филипче: Владата при носење на одлуките исклучиво се водеше по препораките на Комисијата за заразни болести

Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче смета дека е можно да се воведе карантин во критичните општини со цел да се спречи ширењето на коронавирусот и оти на утрешниот Совет за безбедност Комисијата би предложила продолжување на вонредната состојба од здравствен аспект.

-Во однос на вонредната состојба ние од наша страна „да“, меѓутоа таа има и некои други аспекти, не е само здравествениот. И карантсински мерки апсолутно „да“ ако бројките на новодијагностицирани и увидите кои се прават во тие места укажуваат дека нема почитување на мерките. Нема да има друг начин освен рестрикција на движењето, рече Филипче.

Запрашан дали е технички возможно да се спроведе карантин во општините во Скопје со најголем број новодијагностицирани, министерот Филипче рече дека тоа ќе бара сериозна координација и организација со другите институции и со МВР.

-Верувам дека тоа ќе бара една сериозна координација и организација со другите институции и МВР. Мора да кажам дека искрено се надевам дека нема да стигнеме до таму да бараме такви мерки, но сме спремни. На крајот на краиштата и техничката изведба на нешто што е потребно сигурно ќе се најде начин како да се спроведе. Но, битно е јасно да се упати сигналот дека сега треба сериозно сите да се придржуваат до мерките, сите околни земји сега ги отвораат границите и ги прават овие ослободувања за коишто и ние имаме план. И ние имаме план во којшто планираме што следно што сега не функционира ќе ослободиме, меѓутоа времето кога тоа ќе се случи сега го одлучуваме во следните денови, почеток на следната недела, секој ден или врз основа на двонеделните анализи. Значи, мора да сфатиме дека мора да се почитуваат овие превентивни мерки, рече Филипче.

Тој додаде дека зголемениот број случаи на заболени со Ковид 19, според епидемиолошките анализи се должи на „апсолутно непридржување до превентивните мерки – се собираат и не носат заштитни маски“.

Според него, Владата при носењето на одлуките за верските заедници и изборите исклучиво се водела по препораките на Комисијата за заразни болести и тука немало никаков компромис.

-Не се согласувам дека има некаков компромис заради тоа што Владата ги прифати апсолутно сите мерки коишто Комисијата за заразни болести ги предложи. Можеби имаше во еден дел модификации во однос на бројот на часови на она што значеше целосно затворени викенди, меѓутоа пред се, во насока на тоа да се избегнат гужвите пред маркетите на тоа што претходно видовме дека се случува за да луѓето ги задоволат потребите пред таквите долги викенди. Така што, Владата исклучиво се водеше по препораките на Комисијата за заразни болести и тука немаше  никаков компромис. Впрочем и за сите други објекти, вклучително и за верските важеа и тогаш препораките коишто сега важат. Требаше да има само поголема контрола и да се спроведе тоа што и сега е на сила, а тоа е да нема групни собири и таму каде што има некаков собир, а знаете дека сега тоа е забрането – ако се најдат повеќе луѓе да се носат маските што не се случуваше. И тука го гледаме проблемот. И токму од таквите настани сега се случува да имаме нови и нови пациенти. Значи, истите тие мерки за коишто имаше медицинска оправданост и се уште има, важат и сега, важеа и тогаш, донесени се – препорачани до Владата, Владата ги прифати и ги имплементираше, подвлече Филипче.

Тој посочи дека нема тактизирање со скринингот на градинките околу вклучување во целосната бројка за да се намали процентот на новооткирени заболени

-Во однос на скринингот на градинките ние го најавивме скринингот како таргетиран скрининг не само на градинките. И ние не бегаме од бројките. Сите се јавно објавени и точно се знае кој е процентот од вкупниот број направени тестови со и без скринингот. И тоа што е побитно, не е само бројката, туку и податоците од епидемиолошките анкети што  ни укажуваат на тоа како стигнало до таа бројка. Тоа е многу битно за да знаеме што да направиме. И ниту еден заклучок не не носи до тоа дека нешто од препораките коишто цело време се на сила треба да се промени, ама не се почитуваат. И тоа е проблемот и затоа ги имаме овие сега нови пациенти, истакна на новинарско прашање министерпт Филипче.вг/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства 

Трајчулески: Тоа што Мицкоски е разочаран од Конгресот е добра вест за СДСМ