Утрински Весник
Македонија

Полицискиот час го прекршиле вкупно 4783 граѓани, 816 во моментов се во државен карантин

Забраната за движење не ја почитувале 33 лица, приведени 20, 112 лица не носеле заштитни маски

Скопје, 27 мај 2020 (МИА) – Од 22 март кога беше воведена, заклучно со денес вкупно 4783 граѓани не ја почитувале забраната за движење (полицискиот час), а од нив 3110 се приведени од полицијата. Досега од МВР вкупно се понесени 2630 кривични пријави за 3137 дела против 3412 сторители. Најголем дел од нив се од подрачјето на СВР Скопје и од СВР Битола, а најдисциплинирани биле граѓаните кои се под СВР Велес и СВР Куманово, соопшти министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Во однос на почитување на мерките за изолација и самоизолација, поднесени се 127 пријави за 150 кривични дела против 169 сторители, а за обврската за носење лична заштита досега се констатирани вкупно 1973 прекршоци.

Од почетокот на епидемијата досега 5030 лица се спроведени во државен карантин, а во моментов 816 лица се сместени во 11 објекти. Во Скопје – во хотелите Амбасадор, Ибис, ВИП, Опера хаус и Седно Водно, на Попова Шапка – во хотелите Славеј и Арена, во Маврово – во х. Макпетрол, во Охрид – во  апартмани Лукс и Климетица, во Струга – во х. Дрим и во Велес  – во х. Монтенегро.

Хуманитараните летови со кои граѓаните се враќаат во земјава, рече Чулев, се под надлежност на МНР, но информиран е дека преку Софија организирано треба да стигнат 26 лица, а на 30 мај од Саудиска Арабија преку Тирана треба да стигнат 30 македонски државјани.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во изминатиот период постапувал по 57 настани за говор на омраза поврзани со КОВИД-19 и по оваа основа до ОЈО се поднесени 33 известувања и две кривични пријави.

Во врска со случаите на семејно насилство во периодот на полициски час, Чулев соопшти дека од  12 април до 12 мај 2020 МВР има поднесено пријави за 85 кривични дела семејно насилство, од кои најмногу под надлежност на СВР Скопје, Охрид и Струмица. Дополнително, има и 49 прекршоци против 54 сторители, како и констатирани 373 поплаки од граѓани за семејно насилство. Тоа, рече Чулев, е зголемување за 44,6 отсто во однос на поплаките во истиот период минатата година. Од друга страна, ограниченото движење придонело за околу 40 проценти намален број сообраќајни несреќи особено со тешки последици.

Чулев на прес-конференцијата истакна дека и покрај намалувањето на рестриктивните мерки насочени кон справување со пандемијата, не треба да се заборави дека вирусот е сè уште присутен во нашата земја и, како што рече, не ни дозволува нашето секојдневно живеење целосно да се врати во нормала.

-Затоа апелирам да го задржиме потребното ниво на одговорност и дисциплина и да ги почитуваме мерките и одлуките на Владата за задолжително користење лична опрема, за групирање и држење физичка дистанца. МВР останува посветено на контрола на овие одлуки на Владата и заштита на здравјето и животот на граѓаните, рече Чулев на прес-конференцијата на која им заблагодари на граѓаните за одговорното однесување и за придонесот на полицијата во справување со пандемијата.

МВР беше ангажирано во контрола за спроведување на одлуки на Владата, контрола на лицата во изолација и самоизолација, обезбедување на државните карантини, спровод на лицата кои се враќаат со хуманитарни конвои. Поради сите обврски, ресорниот министер побара од Владата припадниците на полицијата да бидат парично наградени. хс/лв/

Прес конференција 27.05.2020

Posted by Министерство за внатрешни работи on Среда, 27 мај 2020

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Гаши уверува дека е обезбедено двотретинско мнозинство за уставни измени

Мицкоски се враќа на режимските практики, тврди Филипче

Мицкоски: Наскоро ќе видите како се прислушувало последните години, ќе се згрозите