
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишен маж осомничен за обид за убиство, како и за загрозување на сигурноста. Според обвинителството, на 1 март, во семејниот дом, при вршење семејно насилство и во присуство на друго лице, осомничениот со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сопруга.
Тој извадил пиштол што го поседувал со дозвола, го репетирал и испукал еден куршум. Куршумот поминал покрај оштетената, се одбил од паркетот и завршил во прозорецот. По инцидентот, осомничениот се симнал на долниот кат и на своите две ќерки им кажал дека пукал во нивната мајка. Потоа тие заедно со оштетената го напуштиле домот. Како што информираат од обвинителството, на 5 март осомничениот повторно, пред двете ќерки, ѝ се заканувал на сопругата со пиштолот, со намера да ги вознемири и заплаши.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката, како и опасност да го доврши делото кое се обидел да го стори.

