Утрински Весник
Македонија

48-ми Денови на македонска музика 

39beb27d F4a4 9e56 0e97 A0e03b1b5c85.jpg

Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ го најавува 48-мото издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, кое ќе се одржи од 17 март до 3 април 2025 година во Скопје на три локации Филхармонија, Национална опера и балет и Музеј на македонската борба. Манифестацијата ќе понуди разновиден избор на дела, премиери и автори, селектирани од годинашниот куратор, композиторот Филип Иванов.

Со својата препознатлива програмска концепција, ДММ нуди продлабочен увид во актуелните тенденции на македонската музичка мисла, истражувајќи нови форми на музичка експресија и креација. И оваа година, фестивалот ќе претстави содржинска и естетска разновидност во творечкиот и изведувачкиот аспект. Публиката ќе има можност да ги проследи визиите на македонските композитори и изведбите на реномирани уметници и ансамбли, кои заедно придонесуваат кон обликувањето на денешната современа музичка сцена. Манифестацијата која полека заокружува петдецениско постоење е од огромно значење за целокупната македонска музичка култура и уметност, и директно влијае врз нејзиниот развој, усовршување, но и врз нејзиното афирмирање и доближување до светските музички трендови.


Креативен дијалог меѓу традицијата и современост, камерно творештво, авторски јубилеи

Деновите на македонската музика повторно ќе отворат прашања за релациите меѓу локалното и глобалното, традицијата и современиот израз. Оваа симбиоза ќе биде претставена преку селектираните дела, но и преку интернационалните соработки и гостувања што ја ставаат македонската современа музика во поширок контекст.

Во единаесет концертни вечери ќе бидат претставени дела од повеќе од 30 македонски автори. Ќе настапат осум ансамбли и повеќе од 30 солисти, а во рамките на фестивалот ќе бидат одбележани и три големи авторски јубилеи.

Програмата на ДММ2025 опфаќа дела од различни творечки периоди на македонската уметничка музика, вклучувајќи автори од различни генерации. Таа го нагласува континуираниот развој на современата македонска мисла, притоа истакнувајќи ја нејзината динамичност и способност да се прилагоди на современите музички текови. Иако селектираните дела се различни по стил и авторски пристап, сите носат заедничка суштинска нишка – ја одразуваат континуираноста и специфичноста на современото македонско музичко творештво.

Во знакот на годинашната програма е обележувањето на значајни јубилеи на тројца истакнати македонски композитори – Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето), автори и дејци кои имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз:

* Властимир Николовски (1925–2001) – композитор на монументални симфониски и вокално-инструментални, со длабоко вкоренет национален музички идентитет,
* Стефан Гајдов (1905–1992) – пионер на македонската хорска музика, чии композиции ја поставија основата на македонскиот музички јазик,
* Кирил Македонски (1925–1984) – автор на првата македонска опера Гоце, кој остави значаен придонес во развојот на вокално-инструменталната музика.

Според зборовите на годинашниот куратор на фестивалот, композиторот Филип Иванов – „Деновите на македонска музика 2025 останува верен на својата мисија – афирмација на македонското музичко творештво и негово позиционирање во современиот европски контекст“.

Изведувачи и ансамбли, меѓународни гостувања и соработки

Публиката ќе има можност да проследи изведби на врвни солисти, хорски и оркестарски ансамбли од земјава и странство, кои преку својата интерпретација ќе ја истражат музичката структура и изразот на делата на македонските композитори, додавајќи им нова звуковна димензија и контекст. Меѓу ансамблите и уметниците во програмата оваа година се запишуваат: Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на Ангел Спироски, гудачкиот квартет „Атака“, гудачкиот оркестар „Ајга“ кој ќе настапи под палката на Елена Митревска, Македонската филхармонија со маестро Борјан Цанев, дувачкиот квинтет PHILHARMONIC5, дувачкиот квартет на ансамблот „Консонанс“ како и меѓународните гости – Ансамблот ударни инструменти „Мурска“ од Словенија пијано триото „Astnide“ од Германија и други. Во духот на традицијата, фестивалскиот подиум ќе им биде отстапен и на најмладите – композиторите и студентите по музика.

Вовед во свеченото отворање на фестивалот на 17 март ќе биде изложбата на акварели „Мапирање на спокојот“ од македонската композиторка, професорка и истакната културна дејка, Јана Андреевска. Делата, создадени во периодот од 2023 до 2025 година, ќе бидат изложени во фоајето на Филхармонија, а посетителите ќе можат да ги погледнат од 13 часот.

Фестивалот е под покровителство на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и финансиски поддржан од Министерството за култура.

Автор на графичкото решение на 48. Денови на македонска музика е уметникот Владимир Лукаш.

Влезот на сите настани е слободен.

Можете да прочитате

Притвор за Капушевски, куќен притвор за Јахоски, мерки за претпазливост за останатите осомничени

Договорена брза енергетска соработка меѓу Македонија и Чешка

Не наседнувајте на лажни понуди од „Wolt“ – Компанијата предупредува на измами