Утрински Весник
Македонија

400 извидници од цела држава го одбележаа Денот на извидниците во Кичево

Image 2026 02 22 162748105.png

Околу 400 деца и млади од повеќе градови низ државата денес се собраа во Кичево за заеднички да го одбележат 22 февруари – Денот на извидниците, ден кога милиони извидници ширум светот го слават извидничкото движење, неговите вредности и мисија.

Под мотото „Биди подготвен!“, извидниците во Македонија повеќе од 7 децении се симбол на другарство, солидарност, лидерство и активно учество во заедницата. Овој собир уште еднаш ја покажа силата на извидничкото движење и неговото значење за воспитување на млади луѓе кои растат во одговорни и активни граѓани.


Одбележувањето започна со свечен марш по главниот булевар во Кичево, при што извидниците во униформа продефилираа низ градот, испраќајќи порака за заедништво, солидарност и активна младинска енергија. По маршот следеше свеченото отворање на настанот, при што свое обраќање имаа старешината на Сојуз на извидници на Македонија и градоначалникот на Општина Кичево, кои ги поздравија учесниците и ја истакнаа важноста на извидништвото во развојот на младите и заедницата.

Еден од најзначајните моменти на прославата беше давањето на извидничкиот завет, при што 100 нови извидници официјално станаа дел од извидничкото братство, симболично прифаќајќи ги вредностите на чест, пријателство, служба и грижа за природата.

Во рамки на одбележувањето, извидниците реализираа и општествено корисни активности. Преку кампањата „Направи добро дело“ беа спроведени хуманитарни акции и иницијативи за поддршка на заедницата, додека во соработка со Црвениот крст се организираа и крводарителски акции, со цел подигање на свеста за солидарноста и значењето на крводарувањето.

Со своето присуство, младите извидници покажаа дека извидништвото претставува многу повеќе од хоби — тоа е образовен процес преку кој учат тимска работа, одговорност, почитување на различностите и активен придонес кон општеството.

Сојуз на извидници на Македонија е младинска чадор организација основана во 1953 година и денес обединува 20 активни извиднички одреди со повеќе од 3000 деца и млади. Како дел од светското извидничко движење со над 57 милиони членови во повеќе од 180 држави и територии, организацијата работи на развој на младите преку неформално образование, животни вештини и волонтерство.

Извидништвото – место каде младите учат, растат и создаваат позитивни промени!

Можете да прочитате

Кривична против четири лица за измами со лажни сообраќајки тешки 3,7 милиони денари

Неколку стотини маски дефилираа на карневалот Прочка во Прилеп, ги предводеа Мечкарите

Се мери статиката на мостовите на Брегалница и Отиња во Штип