Утрински Весник
Македонија

40 илјади денари е просечен месечен трошок за третмани на еден повреден во „Пулс“

Diskoteka Puls Pozar Kocani 22.jpg

Со големи финансиски трошоци се соочуваат родителите на децата кои беа повредени во трагичниот пожар во скопската дискотека „Пулс“, а очекуваната државна поддршка сè уште е речиси невидлива, пишува кочанската Канал8.

Лекувањето од изгореници бара континуирана нега и скапи медицински средства, а поголемиот дел од трошоците паѓаат на товар на семејствата.


По третманот во болниците низ земјата и во странство, родителите секојдневно ги обезбедуваат потребните материјали и терапија за своите деца. Некои се приморани да ја напуштат работата или да земат боледување, што дополнително ја влошува финансиската состојба.

„Ни беше ветено дека државата ќе ги покрие барем трошоците за престој додека децата беа на лекување во странство, но досега ни тоа не е реализирано. Една специјална лепенка за изгореници чини меѓу 35 и 55 евра, а потребни се неколку неделно. Трошоците се движат до 500 евра месечно – само за материјали“, вели татко на повредена девојка.

Наместо во Кочани, контролите се прават во Скопје, а семејствата ги покриваат трошоците за патување, кои може да изнесуваат и над 100 евра месечно. Некои деца посетуваат и психолози, но таа помош не е покриена од државата. Родителите се и психички истоштени – не само од здравствената битка, туку и од личната загуба, бидејќи некои изгубија блиски во трагедијата.

Од Министерството за финансии соопштија дека од државниот буџет досега се обезбедени околу 500.000 евра, од кои 200.000 се наменети за повредените во странство. Дополнителна поддршка пристигнала преку Црвениот крст, каде се собрани над 100 милиони денари, но родителите велат – помошта е недоволна, нередовна и не стигнува до сите.

Лекувањето, рехабилитацијата и психолошката поддршка, според лекарите, ќе траат најмалку една година, а за многу семејства тоа е товар што едвај го поднесуваат. За нив ова е долга, болна и неправедна борба, во која не се чувствуваат поддржани од државата.

Можете да прочитате

Перински: Со две раце потпишувам – идниот градоначалник на Скопје ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ

Поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи упати честитка по повод Курбан Бајрам

Утре не очекува уште потопло време – температурата ќе достигне до 36 степени