МВР не го откри идентитетот на убиениот. Порталот „360 степени“ објави дека станува збор за Васил Е., кој со семјеството бил близу „Мавровка“ за да заврши приватна работа.
Наспроти мноштвото медиумски извештаи дека убиениот е адвокат, информациите на „360 степени“ велат дека Васил Е. е лице со приватна компанија со сосема друга дејност
Полицијата уапсила две осомничени лица, го знае и третото инволвирано во убиството и трага по него
Едниот од двајцата уапсени е приведен по престрелка со полицијата што се случила во скопската населба Чаир, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).
Тој се сомничи дека е еден од учесниците во убиството што се случи денеска претпладне кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Полицијата официјално соопшти дека со огнено оружје е застрелано едно лице кое починало на самото место.
„Имено, на подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода“соопшти МВР.
Според полицијата, при потрагата по другите напаѓачи, од слобода било лишено второто осомничено лице, а познат е идентитетот и на третото кое е во бегство. „Се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, велат од МВР.
„Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот што следува во некои делови од Град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот“, вели полицијата.
Од МВР додаваат дека веднаш откако убиството било пријавено во СВР Скопје, со специјални полициски сили, хеликоптери и дронови почнала потрага по сторителите.
„Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови“,велат од МВР.
Инаку, убиството се случи денеска претпладне околу десет часот на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“. Според неофицијални информации, жртвата е Васил Е. Тој, наводно, со членови на семејството бил да заврши приватни обврски во близина. Очевидци велат дека напаѓачите пукале во жртвата, од неговиот автомобил одзеле предмети, меѓу кои и лаптоп-компјутер, а потоа побегнале. За мотивите се спомнува облик на изнуда, иако истрагата сè уште е во многу рана фаза.