Утрински Весник
Македонија

25 училишта од следната учебна година ќе можат да го воведат францускиот јазик како изборен предмет во петто одделение

Image 229842.jpg

Дваесет и пет основни училишта од следната учебна година ќе имаат можност да го воведат францускиот јазик како изборен предмет во петто одделение, доколку кај учениците постои интерес за негово изучување. Ова е предвидено во анексот на меморандумот за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Француската амбасада, што денеска го потпишаа министерката Весна Јаневска и амбасадорот Кристоф Ле Риголер.

За министерката Јаневска продлабочувањето на соработката за поголема промоција на изучувањето на францускиот јазик и унапредување на наставата по француски во македонскиот образовен систем е потврда на пријателството помеѓу двете земји, кое продолжува да се развива.


„Го поддржуваме изучувањето на францускиот јазик, имајќи предвид дека тој е меѓу најкористените јазици во глобалниот свет, како и тоа дека сме Влада која поттикнува јазична различност. Придобивките од познавање на јазици различни од мајчиниот, се повеќекратни. Тоа овозможува да се градат мостови помеѓу народи и култури, а јазичните вештини во денешно време се и суштински фактор за успешен настап на пазарот на трудот, како што се и дигиталните вештини“, рече Јаневска.

Министерката додаде дека младите од Македонија кои ќе го совладаат францускиот јазик, преку комуникација ќе имаат можност и за поголема афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство.

За квалитетна и интересна наставата по француски јазик во петто одделение, Бирото за развој на образованието подготвува наставна програма за овој изборен предмет.

Можете да прочитате

Вечерва ѓубрето од Чаир заврши пред Град Скопје

Полноќен протест: Ганиу со граѓани собира ѓубре од Чаир и го носи пред Град Скопје

Орце, Коце или Златко? ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште без одлука за главниот град