
Честитка за Нова година на премиерот Христијан Мицкоски:
„Почитувани сограѓани, годината што ја испраќаме не беше лесна, таа беше година на сериозни предизвици!
Година во која државата мораше прво да застане на нозе.
После долг период на нестабилност, несигурност и на разнишани институции, беше неопходно да се направи стабилизација и консолидација.
Тоа беше услов без кој не можеше да се оди понатаму.
Во текот на оваа година, многу работи се поместија од мртва точка. Работевме тивко, системски и одговорно. Се поставуваа темелите, се расчистуваа наследени состојби.
Се носеа одлуки кои не секогаш беа лесни но беа исправни.
Го зајакнувавме институционалниот капацитет на државата и ја враќавме логиката на ред, закон и одговорност.
Посебен акцент беше ставен на правната држава.
Започнавме процеси кои значат воспоставување на еднаквоста пред законот и јасни правила што важат за сите.
Реформите што ги отпочнавме не се козметички. Тие се длабински и суштински. Таквите реформи бараат време, но тие се предуслов за функционална држава и здраво општество.
Свесни сме дека за граѓаните најважно е како тоа се чувствува во секојдневниот живот.
Затоа оваа година ја гледаме како година на подготовка и поставување основа, а годината во која влегуваме како година на видлива реализација.
Проекти што се планираат, програми што се подготвуваа и политики што се дизајнираа, во 2026 година ќе ни дадат нови конкретни и мерливи резултати.
Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на преобразба!
Година на раст, со реализација на значајни инфраструктурни проекти.
Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка за стопанството и отворање можности за работа и развој. Година на вкупна преобразба на Македонија!
Година на политичка стабилност во која институциите ќе функционираат појасно, поефикасно и поодговорно.
Година на вкупна преобразба на Македонија!
Нашата визија е јасни и недвосмислена!
Државата во која законот е темел, институциите се сервис на граѓаните, а економијата се движи напред, надежта повторно се враќа кај луѓето.
Не ветуваме чуда туку напорна работа.
Не зборови туку конкретни резултати.
Не сме среќни што политичката сцена не секогаш ја отсликува зрелоста што ја заслужува државата.
Но верувам дека со тек на време ќе созрее и свеста дека националните интереси, иднината на граѓаните мора да бидат над сѐ.
Државата има потреба од одговорност, сериозност и заедничка грижа за општото добро.
Пред нас е нова година.
Година на надеж, но и на голема обврска!
Обврска да се испорачаат резултати!
Обврска да се оправда довербата од граѓаните!
Обврска да се продолжи по патот на реформи, развој и стабилност!
На сите ви посакувам здравје, мир и сила!
Да влеземе во 2026 година со верба дека напорната работа ќе се исплати и дека Македонија ја движиме во вистинската насока.
Среќна Нова година!”


