
Турски воен транспортен авион од типот Ц-130, кој полетал од Азербејџан кон Турција, денеска се урна во Грузија, при што загинаа сите 20 војници кои беа во него, соопшти денеска турската Влада.
Авионот Ц-130 полетал од Азербејџан и бил на пат назад кон Турција кога се урнал, објави турското Министерство за одбрана на социјалната мрежа Х.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека е „длабоко растажен“ и изрази сочувство за загинатите во несреќата.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, исто така, изрази сочувство до неговиот турски колега Ердоган поради инцидентот.
Во својата порака, Алиев напиша: „Длабоко не погоди трагичната вест за загубата на воени лица во несреќата на воениот карго авион на турските воздухопловни сили, кој полета од Ганџа и се урна на грузиска територија“.
„Во овој момент на тага, ја споделувам вашата болка и, во свое име и во име на народот на Азербејџан, упатувам искрено сочувство до Вас, семејствата и најблиските на загинатите и братскиот народ на Турција“, изјави Алиев.
Започната е операција за пребарување и спасување во координација со азербејџанските и грузиските власти, соопштија надлежните.
Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека авионот се урнал во општината Сигнаги, во близина на азербејџанската граница, и дека е отпочната истрага.
Авионот Ц-130Е Херкулес, тактички воздушен транспорт со четири турбопропелерски мотори, е широко користен од турските вооружени сили за транспорт на персонал и за логистички операции.


