Утрински Весник
Македонија

16 години затвор за Илија Панов: Осуден за бруталното убиство на партнерката Сузана во Кавадарци

1213.jpg

Илија Панов, познат под прекарот Јапан, денеска беше осуден на 16 години затвор за убиството на својата вонбрачна партнерка Сузана, фемицид што длабоко ја потресе македонската јавност.

Злосторството се случило во периодот меѓу 20 и 22 јануари годинава во Кавадарци. Телото на 49-годишната Сузана било пронајдено на 22 јануари во нејзиниот дом на улицата „Ѓуро Салај“. Таа лежела во спалната соба зад вратата, во просторија која била целосно разфрлана сцена што укажувала на жестока и брутална расправија.

Трагичниот момент го открила нејзината ќерка, која, по неколку неуспешни обиди да ја добие мајка си на телефон, решила да дојде во станот. Таму се соочила со хорор-сцена која го потресе целиот град.

Жителите на Кавадарци раскажуваат дека Сузана живеела тежок живот, обележан со социјални и здравствени проблеми, додека за Панов наведуваат дека со години се борел со зависност и проблематично однесување.

Обвинителството утврди дека Панов, при вршење семејно насилство, свесно ѝ го затворил носот и устата, предизвикувајќи механичко задушување. Обдукцијата ги потврдила ваквите наоди, а ДНК траги од осомничениот биле пронајдени под ноктите на жртвата. Тој се обидел и да создаде алиби, тврдејќи дека не бил дома во критичниот период, но истрагата утврдила висок степен на лага во неговите искази.

Иако за ова тешко кривично дело законот предвидува и максимална казна доживотен затвор, судот денеска му изрече казна од 16 години затвор.

Случајот повторно ја отвори дебатата за растечкиот број случаи на семејно насилство и фемицид во земјата, и потребата од поостри мерки за заштита на жртвите.

Можете да прочитате

Опожарен стан во Куманово  – 24info.mk

Тошковски за гласините за негова смена: Почнав премногу проекти што треба да ги завршам наредната година

Демант и предупредување до јавноста од Бигорски манастир за злоупотреба на името на манастирот за продажба на лажни лекови