15-годишен тинејџер е уапсен под сомнение дека избодел Евреин во швајцарскиот град Цирих. Полицијата смета дека антисемитизмот е мотивот што стои зад нападот што се случи синоќа. Инаку, од неодамна има зголемување на слични инциденти низ Европа, пишува Скај њуз.
Швајцарската организација на еврејски заедници соопшти дека 50-годишната жртва е пренесена во болница во критична состојба. „Физичките напади врз Евреите во Швајцарија се многу ретки. Еврејската заедница е поштедена од такви опасни по живот напади во последните две децении“, велат тие.
„Меѓутоа, од 7 октомври има значително зголемување на ваквите физички напади“, додаваат тие. Војната меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври минатата година кога милитантната група го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи 1.200 луѓе и зеде околу 250 заложници.
Речиси пет месеци подоцна, околу 30.000 Палестинци се убиени, а уште стотици илјади се на работ на глад во Газа. Во Велика Бртанија во февруари, Фондацијата за безбедност на заедницата забележа дека бројот на антисемитски инциденти минатата година соборил рекорд.
Добротворната организација забележа 4.103 антисемитски инциденти во Британија во 2023 година, што е повеќе од претходниот годишен рекорд од 2.261, поставен две години порано.