Скопје, 17.11.2019 – Винарската визба „Тиквеш“ и оваа година, 11-та по ред, ја продолжува традицијата на Фестивалот на младо вино, организирајќи го најголемиот онлајн настан од ваков вид.
Раководејќи се од основната идеја заеднички да се наздрави за првото, младо вино од најновата берба, годинава овој настан се организира и со намера да се создаде позитивна атмосфера и да се придонесе кон охрабрување за наминување на предизвиците со кои сите се соочуваме.
Под слоганот „И коге сѐ е вонредно, младото вино е извонредно“ програмата на годинешниот фестивал вклучува интересни содржини во изведба на познати уметници и естрадни ѕвезди од нашата земја и регионот кои ќе бидат емитувани „во живо“ од две локации – Кавадарци и Белград, а ќе настапат Влатко Стефановски, Тијана Дапчевиќ, Фрајле и Здружение на џез музичари.
Како и претходните години, и годинава се очекува фестивалот да привлече големо внимание. Веќе е најавено дека фестивалот ќе го следат голем број вински ентузијасти од земјава и странство, партнери и соработници на „Тиквеш“.
Годинешниот Фестивал на младо вино ќе може да се следи и преку страницата на „Тиквеш“ на социјалната мрежа Фејсбук – Facebook.com/TikvesWinery, во петок, на 20. ноември 2020, во периодот од 19 до 21 часот.
Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ дава голем придонес за одржување на традицијата на производство на квалитетно македонско вино и градење на препознатливоста на Македонија како винска земја. Овој фестивал е прв и најголем настан од ваков карактер во нашата земја и има значајна улога во градењето на винската култура и создавањето сопствена традиција на проценка на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји – производители на вино.