Утрински Весник
Свет
300x250 opst2

Џузепе Конте: Путин вети дека ќе формира комисија за случајот Навални

Џузепе Конте: Путин вети дека ќе формира комисија за случајот Навални
300x250 opst2

Италијанскиот премиер Џузепе Конте информираше дека за време на нивниот разговор, рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека Москва планира да формира комисија за испитување на околностите на инцидентот со рускиот блогер Алексеј Навални.

„Претседателот Путин ме увери дека Русија планира да открие што се случи и дека планира да формира комисија за истрагата, а изрази и подготвеност да соработува со германските власти“, рече Конте во интервју за весникот „Ил Фољо“ објавено во четвртокот.

Италијанскиот премиер ја истакна и важноста на соработката меѓу Русија и ЕУ во истрагата на инцидентот со Навални. Според него, оваа соработка може да спречи негативен ефект врз односите меѓу Русија и Европската Унија.

„Соработката е најдобриот начин да се спречат негативните последици од овој драматичен инцидент врз односите меѓу ЕУ и Русија“, рече Конте.

Како и сите европски партнери, Италија смета дека е потребно целосно да се разјаснат деталите за овој инцидент и да се пронајдат оние кои стојат зад него.

Путин и Конте последен пат одржаа телефонски разговор на 26 август. Кремљ соопшти дека тие разговарале за ситуацијата во Белорусија и Либија и се согласиле да ја засилат соработката во борбата со коронавирусот.

За време на разговорот, Путин истакнал дека сите неосновани обвинувања во врска со ситуацијата со Навални се неприфатливи и дека Русија е заинтересирана за непристрасна истрага за случајот.

Навални беше пренесен во локалната болница во сибирскиот град Омск на 20 август откако му се слоши за време на летот Томск-Москва. Тој падна во кома и беше ставен на вентилатор во одделот за интензивна нега. На 22 август бил пренесен со хеликоптер во Берлин и примен во болницата „Шарите“.

Минатата недела германската влада тврдеше дека испитувајќи ги примероците земени од Навални, токсиколозите од Бундесверот дошле до заклучок оти тој бил отруен со токсичен агенс на семејството новичок.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за каква било соработка со Германија и посочи дека не биле откриени отровни материи во системот на Навални пред неговото пренесување во Берлин.

На 7 септември лекарите на германската клиника објавија дека Навални е разбуден од медицински предизвиканата кома и се одвикнува од механичка вентилација.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пронајдено е телото на еден од тројцата хрватски планинари изгубени во Словенечките Алпи: Потрагата е прекината до утре

Околу 1000 луѓе заглавени на падините на Монт Еверест поради снежна бура

Лавина во Словенија, исчезнати се тројца хрватски планинари