Утрински Весник
Свет

Џонсон објави ново национално заклучување до средината на февруари

Џонсон објави ново национално заклучување до средината на февруари

Британскиот премиер Борис Џонсон вечерва објави ново заклучување на национално ниво во Англија барем до средината на февруари како превенција против брзото ширење на новата варијанта на коронавирус, објави агенцијата АП.

Ова најава доаѓа во ситуација кога Велика Британија ја зголеми својата програма за вакцинација и стана првата нација што започна да ја користи и вакцината развиена од Универзитетот Оксфорд и производителот на лекови „Астразенека“, откако претходно беше одборена вакцината на „Фајзер“.

Џонсон рече дека луѓето мора повторно да останат дома, како што тоа беше случај во првиот бран на пандемијата во март, овој пат затоа што новата варијанта на вирусот се шири на фрустрирачки и алармантен начин.

„Додека ви зборувам вечерва, нашите болници се под поголем притисок од Ковид отколку во кој било период од почетокот на пандемијата“, изјави тој.

Според новите правила, кои треба да стапат во сила што е можно поскоро, основните и средните училишта, како и колеџите, ќе бидат затворени за непосредно, освен за децата на работниците во т.н. клучни области. Студентите на универзитетите нема да се вратат на настава барем до средината на февруари.

Сите продавници на несуштински производи и салони за лична нега, како фризерници, ќе бидат затворени, а рестораните ќе можат да работат само преку шалтерска испорака.

До денеска, во англиските болници се регистрирани 26.626 ковид-пациенти, што е пораст за повеќе од 30% во однос на претходната недела, пренесува АП и додава дека тоа е 40% над највисокото ниво на првиот бран во текот пролетта.

Велика Британија во последните неколку недели забележа алармантен наплив на случаи со коронавирус, бидејќи јавните здравствени власти се борат да го контролираат ширењето на новата варијанта на Ковид-19, која е позаразна од претходните. Се регистрираат по повеќе од 50.000 нови инфекции на ден, откако тоа ниво на новозаразени за прв пат беше достигнато на 29 декември. Денеска забележани се 407 смртни случаи поврзани со вирусот, па вкупната борјка на починати се искачи на 75.431, што е една од најлошите во Европа.

Главните медицински експерти во Велика Британија предупредија дека без понатамошна акција постои ризик Националната здравствена служба да биде преплавена во неколку области во текот на следните 21 ден.

Неколку часа порано, шкотската премиерка Никола Старџен исто така воведе заклучување во својата земја до крајот на јануари.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години

Хамас вели дека се „подготвени“ за примирје во Газа по прекинот на огнот во Либан

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина